среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Квалитетот на мазутот ќе се испитува во нова лабараторија

    Опремувањето чини 24 милиони денари, а резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период, така што и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет, вели министерот за економија

     

    Нова лабараторија за испитување на квалитетот на мазутот беше промовирана денеска во рамки на Бирото за метрологија.

    Како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши, оваа нова лабараторија е опремена со автоматизирана опрема со седум мерни инструменти и е екипирана со стручен кадар за тестирање на повеќе од 10 параметри на мазутот. Опремувањето чини 24 милиони денари, а резултатите од анализите ќе се добиваат во кус временски период, така што, како што рече,  и во промет ќе се пуштаат само горива со проверен квалитет.

    „Лабараторијата е опремена со комплетно автоматизирана мерна опрема, со нови мерни инструменти, на кои ќе се тестираат мостри од мазут, земени од терен. Ова е мерна опрема, со која целосно се задоволуваат барањата на стандардот МКС Б.Х2.430, за тестирање на квалитетот на маслата за горење. Несомнено, оваа лабораторија редовно ќе ги следи барањата на европските и меѓународните стандарди и прописи и редовно ќе учествува во меѓулабораториските испитувања, рамо до рамо со европските лаборатории“, рече Бектеши.

    Директорката на Бирото за метрологија, Мерита Мустафаи, истакна лабораторијата е опремена со автоматизирана мерна опрема, и  седум нови мерни инструменти.

    „Се воведуваат светски признати методи за тестирање, засновани на ASTM, ISO и EN стандардите, усвоени од Институтот за стандардизација наСеверна Македонија, со кои ќе може да се одреди содржината на сулфур, кокс, пепел, вода и механички примеси во мазутот, но и други квалитативни својства на маслата за горење, пуштени во промет на домашниот пазар (дестилација, густина, точка на палење, кинематички вискозитет, точка на течење и топлинска моќ)“,  кажа директорката на Бирото за метрологија.

    Директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, истакна дека со оваа набавка на новата лабараторија за анализа на квалитетот на мазутот ќе се овозможат еднакви услови за работа на сите економски оператори и ќе се регулира незаконското работење, пред се во делот на контрола на безбедност и на квалитетот на производите кои што се пуштаат на пазарот.

    „Постојано вршиме контрола на мазутот при увоз во државата, заедно со Царинската управа, и исто така во периодот кога имаме земено мостри, во два случаја имаме пронајдено дека не соодветствува со квалитетот и преземени се соодветни мерки. Меѓутоа, во последниот период, сите анализи што ги земаме покажуваат дека мазутот е со соодветен квалитет. Во наредниот период со новата лабараторија ќе можеме резултатите од земените мостри да ги добиеме во најкус можен рок“, изјави Симеска Димоска.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ