Премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски во Атина, Грција, оствари тет-а-тет средба со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис. На средбата во рамки на работната посета на Ковачевски во Атина, премиерите разговараа за последиците од енергетската криза во светски рамки и енормниот раст на цените на електричната енергија, соопшти прес-службата на Владата.
Ковачевски и Мицотакис дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочуваат земјите во справување со светската енергетска криза.
Двајцата премиери, констатираа дека регионалната соработка е од големо значење со особен акцент на важноста од соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал, ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас (ЛНГ) во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји. Интерконекторот со Грција заедно со терминалот за течен гас (ЛНГ) во Александруполи не се само економски, туку и проекти од стратешко значење.
Премиерите ги потврдија заложбите согласно планираното, најдоцна до средината на 2024 година да имаме снабдување со гас од Грција. Новиот терминал за течен гас (ЛНГ) во Александруполи значи енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите.
Премиерите заклучија дека стратешките проекти се од голема важност за долгорочната енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време.

Делегацијата предводена од премиерот Димитар Ковачевски во Атина, оствари средби со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и претставниците на енергетските ресори.
На средбата од македонска страна присуствуваа и министерот за економија Крешник Бектеши, директорите на ЕСМ Васко Ковачевски и на МЕПСО, Орган Муртезани, претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, како и Виктор Андонов, соработник за енергетика. Во состав на делегацијата од Грција присуствуваа Костас Фрагојанис, заменик министер за економска дипломатија и надворешни работи, Никос Цафос, советник за енергетски прашања на премиерот Мицотакис, Константини Зифарас, директор на државната компанија за природен гас ДЕПА, Георгиос Стасис, претседател/извршен директор на Public Power Corp SA како и останати претставници од секторот.
На состанокот се дискутираше за најважната тема како за државата, така и за стопанството, а тоа е ублажување на последиците од најголемата глобална криза која ја паметиме во поновата историја.
Дополнително се зборуваше и за заедничките проекти кои се реализираат за енергетска независност на среден и долг рок. На состанокот беше истакнато дека во изминатите неколку години, една од најголемите грчки компании „Митилинеос”, која е од огромно значење за грчката економија, најавува интерес за изградба на когенеративна гасна електрана во Скопје, која ќе произведува и електрична и топлинска енергија, како и за еден од стратешките проекти на Северна Македонија во енергетскиот сектор, изградбата на пумпно акумулациона хидроцентрала „Чебрен“, на Црна Река за која понуда пристигна и од грчкото електростопанство ППЦ, како и уште неколку европски компании.
Двајцата премиери разговараа дека приоритет во преден план треба да биде фокус на решавањето на енергетската криза и недостигот на енергенси. По завршувањето на работните состаноци премиерот Ковачевски ќе одржи брифинг за новинарите со цел да ги соопшти заклучоците од средбата.