среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Колку ќе порасне цената на струјата од јануари?

    Претседателот на РКЕ вели дека ќе се преземат сите мерки за да се избегнат ценовни шокови, ама дека нема да може да се избегне поскапување на електричната енергија од почетокот на следната година

     

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимовски, изјави синоќа на Телма дека е прерано е да се зборува за цената на електричната енергија, бидејќи прво треба да се расчисти кој и колку може да произведе струја во државата, со цел притисокот да не биде постојано врз ЕСМ.

    Тој вели дека ќе се преземат сите мерки за да се избегнат ценовни шокови, ама, како што рече, нема да може да се избегне поскапување на електричната енергија од јануари. Во гостување на „Топ-тема“, Бислимовски рече дека рестрикции не се опција.

    „ЕСМ треба да има цена по која што ќе си ги покрива своите трошоци и врз основа на тоа да си го планира производството, а „ЕВН хоум“ набавката. Доколку трошоците на компаниите за набавка на електрична енергија се превисоки, тогаш РКЕ ќе ја разгледа опцијата за намалување или целосно укинување на профитите на енергетските компании што ги регулира, со цел да се избегнат ценовни шокови, изјави Бислимовски.

    Тој нагласи дека методологијата за пресметка на цените на РКЕ, која е иста како и во ЕУ, гарантира профит, а доколку енергетските компаниите не ги следат одлуките на Комисијата сами се одговорни за загубите.

    „Тоа си е нивен проблем. Во самата методологија е предвидено да се даде профит, тој профит за 2022 можно е целосно да се укине или делумно, со цел да не се предизвикуваат ценовни шокови кај потрошувачите, додаде Бислимовски.

    Според него, секој снабдувач има своја стратегија – некои обезбедуваат однапред електрична енергија, некои ризикуваат и чекаат подоцна во надеж дека цената ќе биде поповолна – и регулаторот не може да се меша во нивната бизнис одлука.

    „Од аспект на сигурност на снабдување на електрична енергија никој од потрошувачите не остана без електрична енергија, сите беа преземени од страна на снабдувачот во краен случај“, нагласи Бислимовски.

    Владата вчера прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, во траење од 30 дена.

    „Прогласуваме кризна состојба со цел да го подобриме работењето на енергетските компании, да се зголеми нивната ликвидност, а никако за да донесеме рестриктивни мерки што би влијаеле негативно во секојдневниот живот на нашите граѓани“, рече министерот за економија Крешник Бектешпи.

    Тој рече и дека целта е да нема големо покачување на цената на струјата од почетокот на следната година.

    ТВ Алсат, пак, повикувајќи се на владини извори, објави вчера дека цената на струјата од почетокот на новата година ќе се покачи максимум осум до девет отсто.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ