петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Кој е надлежен за контрола на квалитетот на мазутот? Царина ја префрла топката кај инспекторатите

    Заев најави и дека се изготвуваат решенија за забрана за вршење дејност на две или три компании кај кои не е најден вишок на сулфур, ама е откриен вишок вода поради кондензација и пепел, што е надвор од стандардите

     

    Царинската управа се огласи со соопштение во врска со информациите околу увозот и контролата на нафтените деривати, посочувајќи дека во царинската тарифа постојат различни видови на нафтени деривати, т.н. лесни, средни и тешки масла, односно масла за ложење, кои уште се нарекуваат мазути.

    Во процесот на царинење на мазутот, основна функција на Царината е да утврди првенствено дали декларираниот мазут, навистина претставува мазут или пак е некој друг вид масло за горење, информираат од Царинската Управа

    Дополнуваат дека ова е од исклучителна важност, бидејќи во секојдневната пракса, низа увозници сакаат да ги декларираат нивните производи како мазут, наместо како дизел горива, а со цел да платат помала акциза, бидејќи мазутот има пониска акциза во однос на другите нафтени деривати.

    Од тој аспект, како што велат, првенствената улога на Царинската управа е контрола на фискалниот аспект на нафтените деривати, односно правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акцизата, како и правилно утврдување на царинската вредност.

    „Во периодот 2018-2020, Царината има откриено низа обиди за погрешно и неправилно пријавување на стоките, со цел плаќање на помали увозни давачки. Кај сите увозници се извршени дополнителни наплати и прибрани значителни финансиски средства“, се наведува во соопшението.

    Во оваа постапка, Царината ги користи и услугите на сопствената царинска лабораторија, чија основна функција е анализа на фискалните параметри на нафтените деривати, со цел правилно полнење на буџетот на државата. Овој вид на контрола е исто така, во согласност со препораките на Европската Унија за спроведување на царинските контроли, што се дефинирани во Поглавје 29,.

    Во однос на спроведувањето на мерките на трговската политика (дозволи, забрани и ограничувања) што се применуваат при внесување на мазут во царинското подрачје на  Северна Македонија, предвидено е, како што се наведува,  доколку мазутот содржи сулфур над 1 отсто да не смее физички да влезе на територијата на државата. Од тие причини, Царината преку царинската лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. Доколку мазутот содржи поголема количина на сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана.

    Во однос на другите мерки на трговска политика што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет (увоз), за мазутот се предвидени одредни карактеристики за квалитет што се предвидени во Правилникот за квалитет на нафтени деривати. Како и кај сите други видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, надлежни институции за спроведување на контролата за мазутот се Министерството за економија- Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.

    Овие стандарди за квалитет, додаваат, се однесуваат на пуштање на стоката во слободен промет на внатрешниот пазар, и од логична причина што на домашниот пазар се појавуваат и нафтени деривати што се произведени од домашни производители.

    На ист начин е регулирана и потребата за добивање на лиценца, која како документ е задолжителна за пуштање на стока во внатрешниот промет.

    „Согласно со националното законодавство и европското законодавство, особено одредбите од Поглавје 1 – слободно движење на стоки и Поглавје 29 – царинска унија, потребно е јавноста да биде објективно запознаена и информирана за мерките на трговска политика што се применуваат при внес во царинското подрачје и мерките на трговска политика што се применуваат при пуштање во слободен промет, односно внатрешен промет, со цел вистинско осознавање на потребата за контрола на квалитет на мазутот, заштита на здравјето на граѓањето и обезбедување услови за фер конкуренција“, велат од Царината.

    Во однос на начинот на распоредување на стоките, односно нивно тарифирање во номенклатурата на царинската тарифа, известуваат дека се врши согласно Законот за царинска тарифа, кој претставува клучен закон, каде се содржани тарифните ознаки и царинските стапки што се применуваат при наплата на царинските давачки.

    „Распоредувањето, односно класифицирањето на стоките во соодветен тарифен број, се врши според описот на тарифните броеви, основните правила 1 и 6 за примена на Царинската тарифа, како и забелешките за распоредување на стоките кон Одделите, Главите и тарифните броеви, наведуваат во соопштението.

    Дополнуваат дека основна функција при царинењето на стоките е утврдување на точниот тарфен број, каде што треба да се распореди стоката, со цел правилно да се наплати царина, ДДВ и акциза при пуштањето на стоките во слободен промет. Така при секое поднесување на царинската декларација, царинските службеници треба да ја идентификуваат стоката и да спроведат документарна контрола, односно да проверат дали декларираниот опис на стоката во царинската декларација е идентичен со декларираниот опис на стоката во фактурата за увоз и во одредени случаи да проверат и физички дали станува збор за тој вид на стока.

    При приемот на царинските декларации во процесот на документарна и физичка контрола, потребно е правилно да се утврди и царинската вредност, со цел правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акциза, да се утврди потеклото на стоките, односно да се утврди дали стоките се со преференцијално или непреференцијално потекло.

    На крај, во процесот на царинење на стоките, потребно е да се спроведат и сите мерки на трговски политика, т.н. нетарифни мерки, односно, да се утврди дали за одреден вид на стока постои некој вид забрана, ограничување или дали е потребно да се приложи одреден сертификат, со цел заштита на здравјето на населението и на општеството.

    Во однос на мерките на трговска политика,  Царинската управа известува дека постојат два вида мерки на трговска политика:  што се применуваа при внесување на стоката во царинското подрачје на  Северна Македонија и мерки што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет, што вообичаено се нарекува увоз.

    Премиерот Зоран Заев, пак, изјави денеска во Собранието дека треба да се утврди како влегле мазут, нафта, бензин во државата и тука треба да се лоцираат одговорностите, во однос на случајот со  токсичното масло кое со години се користело во болници и фабрики.

    Одговарајќи на пратеничко прашање од ВМРО-ДПМНЕ, Заев изјави дека досега се утврдило дека сулфурот не е проблем, туку спорно било поголемото количество вода, кое е дојдено до некои четири проценти и поголемо количество пепел во самите количини. Заев најави и дека се изготвуваат решенија за забрана за вршење дејност на две или три компании кај кои не е најден вишок на сулфур, ама е откриен вишок вода поради кондензација и пепел, што е надвор од стандардите.

    Владата пред десетина дена задолжи неколку институции да го истражат случајот и да спроведат вонредни контроли , а резултатите, како што соопштија оттаму, ќе бидат познати во рок од 14 дена.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ