сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Јанис Јанопулос од ЕДС: Една деценија сме стабилен снабдувач и сигурен партнер на пазарот за електрична енергија

    -Прогнозирање на развојот на берзанските цени е многу неблагодарно и невозможно. Никој не може да знае до кога би траела безбедносната криза на истокот од Европа и дали истиот предизвик ќе има помало влијание врз цените на енергенсите во остатокот од оваа зима. Веќе е извесно, и објавено, дека земјите на Европската Унија ги имаат наполнето своите задолжителни резерви на природен гас на ниво од 90 % што претставува 15 % поголеми количини од истиот период минатата година“- вели во интервјуто за Капитал, Јанис Јанопулос, главен извршен директор на Energy Delivery Solutions (ЕДС).

    -Доколку потрошувачите на природен гас во Европа се придржуваат кон препораките за штедење на гасот, и во извесна мера се откажат од удобноста на која Европа е навикната, тогаш може да се очекува дека цените на гасот по Нова година ќе се намалат, а со тоа ќе се намали и притисокот врз цените на електрична енергија.

    Што се однесува до „нормалното“ ниво на цените, тие во догледна иднина нема да се вратат на ниво од пред пандемијата. Но, и покрај евентуалната стабилизација на цените, на подолг рок тие многу ќе зависат од политичкиот однос помеѓу Европа и Руската Федерација-потенцира Јанопулос.

    ЕДС во текот на октомври годинава одбележи 10 години успешна работа на македонскиот енергетски пазар. Компанијата во текот на изминатата деценија со своето делување, кое е секогаш во согласност со највисоките професионални и корпоративни стандарди, изгради имиџ на лидер во областа на трговија со електрична енергија на пазарот за квалификувани потрошувачи.

    Преку деловната одлука на грчката национална енергетска компанија PPC SA (Public Power Corporations) стратешки да инвестира во земјава, ЕДС во 2018 година стана дел од корпорацијата која што важи за енергетски гигант во југоисточна Европа.

    Во интервјуто, Јанопулос зборува и за најзначајните постигнувања на компанијата изминатава деценија, односно како  е позиционирана таа денеска во бизнис- сегментот трговија со електрична енергија.

    -Од самото основање на ЕДС, постигнувањата се навистина значителни за една компанија која како локален субјект прерасна во препознатлив регионален бренд. Клучни моменти кои денес ја дефинираат ЕДС се: членување на  HUPX/HUDEX берзата за електрична енергија, трговско одделение со лиценцирани трговци на релевантните европски берзи, одржување на најголемата балансна група на македонскиот електро -пазар, водечка позиција на пазарот како и тоа што ЕДС е дел од ППЦ групацијата.

    Во своето едно – децениско работење, ЕДС, практично, беше најинтензивниот лобист за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република С. Македонија заедно со имплементацијата на потребното законодавство – директивите за внатрешен пазар на енергија на Европската Унија.

    Денес ЕДС е акционерско друштво со најголем основачки капитал помеѓу останатите снабдувачи со 5,5 милиони евра-вели Јанопулос.

    Кога се работи за новитетите во работењето што ги промовира ЕДС по повод значајниот јубилејот, Јанопулос истакнува:

    -ЕДС секогаш беше авангардна компанија со воведување новини во работењето, како во трговскиот, така и во снабдувачкиот бизнис. Први почнавме да откупуваме енергија произведена од обновливи извори кои немаа статус на повластен производител со што придонесуваме кон енергетската транзиција, први воведовме понуди и снабдување по индексирани цени кога пазарот не нудеше долгорочно хеџирање по фиксни цени, први воведовме договори со претплата за да можат клиентите да искористат најниски цени на пазарот, први воведовме формирање цени по часовен профил на потрошувачите за оние   индустрии кои работат ноќно време за да можат да ги намалат трошоците за енергија користејќи ги ноќните ниски часовни цени.

    ЕДС, во новиот Закон за енергетика од јуни 2018 година, се избори за обезбедување пристап (на сите снабдувачи) до базата на податоци на сите комерцијални потрошувачи, со што оперативниот дел од работењето на снабдувачите се искачи на многу помодерно ниво со современи IT алатки обезбедени од операторот на дистрибутивниот систем.

    Последна новина во работењето на ЕДС ќе биде интеграцијата на трговијата и снабдување со електрична енергија и природен гас за што ЕДС веќе се стекна со лиценца за трговија и снабдување со природен гас издадена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги-вели Јанопулос.

    Директорот на ЕДС вели дека портфолиото на компанијата просто експлодира во периодот од крајот на 2021 година кога голем број помали снабдувачи не можеа да ја издржат променливоста и нестабилноста на пазарната цена на електрична енергија, им ги раскинуваа договорите на своите клиенти и ги зголемуваа своите обврски кон МЕПСО АД во рамки на балансниот механизам.

    -ЕДС покажа дека е компанија која може сето ова да го издржи без да ги наруши сигурноста во снабдувањето на својата балансна група како и стабилноста на електроенергетскиот систем на Република Северна Македонија. Несомнено, во таквиот потфат ЕДС беше поддржана од својата мајка фирма со корпоративна гаранција кон финансиските институции кои го подржуваат нашето секојдневно оперативно работење.

    Негативните искуства на потрошувачите кои во есента 2021 година останаа со раскинати договори за снабдување со електрична енергија и беа изложени на  нови договори по многу повисоки цени, покажаа дека во овој бизнис од особена важност е капиталната структура на снабдувачите. Имено, штетите кои засегнатите потрошувачи ги претрпеа не можат да се надоместат од друштва со ограничена одговорност во кои основачкиот капитал е на ниво на законскиот минимум. Тој минимум не обезбедува никаква гаранција при евентуално кршење на договорните обврски од страна на снабдувачот-посочува тој.

    Од друга страна, компанијата се соочува и со зголемено неплаќање на испорачаната струја од страна на корисници, претежно јавни претпријатија формирани од општините.

    -И покрај нашето разбирање дека станува збор за комунални претпријатија кои обезбедуваат неопходни услуги за нормален живот на граѓаните, сепак, сметаме дека во јавниот сектор недостасува чувство на одговорност кон добавувачите, особено кон добавувачите на, исто така, неопходни услуги. Се обидуваме да соработуваме со оние јавни институции чии долгови кон ЕДС се пораснати на критично ниво. Во соработката очекуваме да видиме дека јавната институција навистина е заинтересирана за решавање на проблемот и дека ги исцрпува сите можности за подмирување на долгот, но најважно од сѐ очекуваме заемно почитување.

    Еден од принципите кои овие проблеми можат да ги минимизираат е  законската обврска на јавните комунални претпријатија да издадат банкарска гаранција кон снабдувачот за сервисирање на своите обврски, но искрено, оваа  законска обврска ниту една институција ја нема испочитувано – додека, редовно, во јавните набавки се бара симетрична обврска од снабдувачот.

    Законот предвидува дека и најкритичната инфраструктура може да биде исклучена од мрежата за снабдување со електрична енергија доколку не се испочитува оваа обврска.

    ЕДС ги користи сите можни начини да не дојде до исклучување на снабдувањето со електрична енергија во институции како што се, на пример: здравствени домови, образовни институции, водоснабдувачки капацитети и слично, но доколку институцијата не покаже минимум способност и желба да се справи со проблемот, ЕДС наместо исклучување, се одлучува да им ги раскине договорите со цел побарувањата да не продолжат да растат, а институциите да не останат без електрична енергија.

    Нашите препораки до јавните институции, со цел намалување на ваквите проблеми, е прецизно определување на буџетите за јавните набавки на електрична енергија како и крајно рационално трошење на енергијата-вели Јанопулос.

    Во врска со енергетските перспективи на С. Македонија, Јанопулос потенцира дека државата мора неодложно да работи на  гасоводно поврзување најмалку со Грција (и дополнително со Србија и втор крак кон Бугарија) со цел да обезбеди високо ниво на безбедност, независност и сигурност во снабдувањето со природен гас.

    -Пенетрацијата на природен гас на поголемиот дел од територијата на Република С. Македонија ќе обезбеди продолжување на животниот век на термоцентралите Битола и Неготино каде лигнитот, односно мазутот би биле заменети со природен гас и би се искористила со децении изградената оперативна експертиза на персоналот во овие македонски енергетски капацитети- посочува тој.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ