вторник, ноември 12, 2024
spot_img
Повеќе

    Јанис Јанопулос, директор на ЕДС: Треба да се инвестира и во хидроцентрали, ветерници, биогасни централи…

    И во минатогодишните турбуленции на енергетскиот пазар во Северна Македонија, ЕДС покажа дека е компанија која може да го понесе товарот и од енергетска криза каква што досега немаме видено, без притоа да ги наруши сигурноста во снабдувањето на својата балансна група, која патем е најголема на македонскиот енергетски пазар, како и стабилноста на електроенергетскиот систем, вели во интервјуто на МКД.мк Јанис Јанопулос, главен извршен директор на ЕДС, грчка компанија која е една од најголемите снабдувачи со електрична енергија.

    Во сето тоа, вели Јанопулос, ЕДС имаше поддршка од својата мајка фирма грчката PPC SA која достави соодветни корпоративни гаранции кон финансиските институции кои го поддржуваат нашето работење.

    – Така, и во овој кризен период сепак ЕДС ја потврди својата позиција на лидер на енергетскиот пазар во С. Македонија и уште еднаш се докажа како стабилен и сигурен партнер на своите клиенти. Во текот на 2022 година ЕДС продолжи да го зголемува својот удел на македонскиот пазар на електрична енергија. Бројките од нашето работење покажуваат дека компанијата ја заврши 2022 година со пазарен удел од над 30 отсто од слободниот сегмент на пазар, со повеќе од 500 клиенти во нашето портфолио кои ја сочинуваат и најголемата балансна група на македонскиот пазар на електрична енергија.

    Какви се вашите очекувања во однос енергетскиот пазар во 2023 и движењето на цената на електрична енергија?

    -cШто се однесува до очекувањата за 2023 година, уверени сме дека оваа година ќе биде најдобрата година на ЕДС до сега. Иако поголем број на анализи од угледни светски институции предвидуваат одредено намалување на просечната цена на електрична енергија сепак, и годинава има голем број неизвесности. Извештајот на Енергетската заедница наведува дека главните „непознати“ кои влијаат на предвидувањата за побарувачката на струја, а со тоа и на нејзината цена, првенствено се поврзани со цената на фосилните горива и потенцијалниот економски раст. Секако, свое влијание врз движењето на цените има и тековниот конфликт меѓу Русија и Украина, како и напорите на Европа да ја намали својата зависност од руските фосилни горива со забрзување на својата транзиција кон извори на „зелена енергија“.

    Така, одговорот на прашањето како ќе се развиваат берзанските цени за енергенсите е секогаш ист – берзата не може да се предвиди. Но, она што може со голема веројатност да го очекуваме е дека цената на електричната енергија повеќе нема да биде на ниво од пред ковид пандемијата. Цената која што можеме да ја очекуваме како ново нормално ниво во текот на 2023 ќе се движи над 100 евра за мегават час, цена која во пред-пандемискиот период се сметаше за особено висока.

    Вашата компанија-мајка од Грција е единствен кандидат на тендерот за хидроцентралата Чебрен-Галиште. Во која фаза е тендерот? Што овој проект може да значи за македонскиот енергетски систем?

    – Очекувам наскоро да биде донесена одлука во однос на тендерот за изградба на хидроцентралата Чебрен на кој нашата компанија мајка PPC SA е единствен понудувач. Се надевам на позитивна одлука и избор на PPC SA како концесионер. Таквата одлука би значела дека со извесност овој објект, кој има стратешка важност за македонскиот енергетски систем, ќе се реализира.

    Со изградбата на ХЕ Чебрен С. Македонија ќе добие најверојатно најголема досега странска инвестиција, а исходот од тоа ќе биде хидроенергетски капацитет со инсталирана моќност од 333 мегавати и проектирано производство  од 850 милијарди киловат часа годишно и со акумулација од речиси една милијарда кубни метри вода од која 80 до 100 отсто би претставувала годишна регулација согласно просечната хидрологија на Црна Река.

    Изградбата на ХЕ Чебрен, која според последните проценки ќе чини околу 550 милиони евра, е важна и од друг аспект. Реализацијата на овој огромен енергетски капацитет ќе значи ангажман на голем број градежни и други услужни и логистички компании.

    Во изминатиот период интензивно се вложува во фотоволтаични централи. Колку овие нови инсталации ќе ја подобрат крвната енергетска слика во државава?

    – Инвестициите во обновливи извори се неопходни за да ја оствариме целта за „зелена транзиција“ и полека да го исфрламе користењето на фосилни горива за производство на електрична енергија.

    Но, тие инвестиции мора да се реализираат стратешки и согласно добро подготвена и прецизна регулатива која пред сѐ ќе го заштити енергетскиот систем. Неопходно е да се инвестира и во разновидноста на енергетските капацитети. Акцентот не треба да биде само на фотоволтаици, туку да се вложува и во изградба на хидроенергетски капацитети, ветерници, биогасни централи. Со една таква стратегија, државата ќе обезбеди поголемо домашно производство и поголема стабилност на енергетскиот систем.

    Што како компанија која работи на увоз и продажба на електричната енергија барате од државата во однос на усогласување на регулативата со ЕУ стандардите?

    – Од самото свое основање пред 10 години, ЕДС важи за најголем лобист за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република С. Македонија.

    Она што, во овој период сметаме дека е потребно да се направи, согледувајќи ги последиците од енергетската криза и планираме да го доставиме како предлог до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е воведување на измени во правилникот за лиценцирање, во смисла да се воведе минимален основачки капитал за компаниите кои аплицираат да добијат лиценца за снабдување со електрична енергија. Сметаме дека е неопходно да се воведе разумен цензус кој што би спречил нанесување штета кон потрошувачите од снабдувачи кои се однесуваат шпекулативно на пазарот на електрична енергија. Тоа, верувам, ќе ја зголеми компетитивноста меѓу компаниите снабдувачи што крајно ќе биде од корист за потрошувачите.

    Второ, она што енергетската криза го откри како аномалија е потребата од поголема контрола од страна на пазарниот оператор на однесувањето на снабдувачите кои кога ќе западнат во проблеми со ликвидноста, а тоа не го соопштуваат иако имаат законска обврска да го направат тоа. Напротив, се обидуваат да го злоупотребат балансниот механизам со цел да не купуваат енергија на пазарот, а сепак, нивните клиенти да бидат снабдени со енергија (од МЕПСО како оператор на балансниот пазар на електрична енергија). Резултатот од ваквото однесување на дел од снабдувачите од страна на пазарниот оператор е на штета и на потрошувачите, но и на МЕПСО.

    Имавте соопштение во кое барате интервенција на Владата за акумулираните долгови за потрошена електрична енергија на дел од јавните институции и претпријатија. Како заврши тој ваш апел?

    – ЕДС во повеќе наврати во изминатиот период алармираше дека дел од јавните претпријатија и институции поради акумулирани долгови за потрошена електрична енергија се во опасност да се соочат со прекин во испораката на електрична енергија. Со цел да се превенираат непосакувани акции за исклучување од снабдувањето со електрична енергија, ЕДС апелираше за поголема ажурност на претпријатијата за навремено подмирување на сметките, подобро планирање на буџетите за потрошувачка  и домаќинско користење на електричната енергија.

    Тогаш, ја поздравивме одлуката на Владата да им помогне на институциите кои беа исклучени од снабдување од страната на ЕВН, но и во оваа прилика неопходно е да истакнеме дека Владата треба да помогне и околу подмирување на долговите на јавните претпријатија кон останатите снабдувачи со електрична енергија на македонскиот пазар. Како што посочивме и тогаш, владините интервенции не треба да бидат селективни и во ниту еден случај финансиската помош за покривање на долговите за електрична енергија не би требало да бидат насочени само кон еден снабдувач.

    Во ЕДС сметаме дека сервисирањето на долговите за електрична енергија на јавните претпријатија значи и одговорност кон граѓаните кои токму од овие правни субјекти добиваат витални услуги за нормално секојдневно функционирање.

    Токму во интерес на граѓаните кои ги користат услугите на државните институции и јавните претпријатија се надевам дека час поскоро ќе се најде решение за нивните долгови за електрична енергија, кои што кај некои достигнуваат високи износи и со тоа ја загрозуваат испораката на струја и кон останатите клиенти и ја нарушуваат стабилноста на балансните групи во целост кај сите снабдувачи.

    Како ги коментирате потезите на власта во решавањето на проблемите со недостатокот и цените на електричната енергија и во однос производството и во однос на купувањето на струјата?

    – Во обид да го помогне стопанството и да го ублажи последиците од енергетската криза врз домаќинствата Владата донесе одлука дел од јавните институции, како и компаниите од прехранбената индустрија да ги префрли на регуларниот пазар. Ваквата одлука во однос на енергетскиот пазар има два ефекта.

    Првиот, со оваа одлука се намали портфолиото на комерцијалните снабдувачи. Сепак, ние во ЕДС овој ефект не го гледаме како негативен. Иако во нашите деловни планови оваа продажба ќе биде загубена, но сепак со преземањето на овие потрошувачи, особено јавните институции, се отстрани ризикот да се зголемат нашите ризични побарувања.

    Додека, вториот ефект е зголемувањето на притисокот врз државниот буџет. Ваквата одлука резултира и со дополнителен притисок врз регулираните цени за домаќинства и малите потрошувачи поради преземањето на обврската за снабдување од страна на универзалниот снабдувач (ЕВН хоум), како и пренесувањето на обврската за снабдување кон ЕСМ продажба, што пак ќе значи дополнителна загуба за ЕСМ АД. Па оттаму, цениме дека одлуката на Владата иако во основа е непопуларна, секако е храбра.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ