Стопиран е проектот за изградбата на интерконекторот кој треба да ги спои гасоводите на Северна Македонија и Грција. Првиот оглас за изведувач на работите пропадна, а ЕИБ им предложила на македонските власти распишат нов. Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека е против распишување на нов.
Изградбата на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција заглави во изборот на тоа кој ќе го гради. Европската инвестициска банка (ЕИБ) ја води теднерска постапка и таа се води во согласност со нејзините правила. Според последните изјави на директорот на државното претпријатие НОМАГАС кое стопанисува со гасоводот извештајот од евалуација бил испратен во банката и се чекало одобрување од таму.
Но, од банката за Радио Слободна Европа велат дека тендерот е поништен. Причината не е прецизирана освен дека тендерските постапки се спроведуваат во целосна согласност со Водичот за набавки на ЕИБ, што подразбира отворен конкурс, правичност и избор на економски најповолна понуда.
Според добро упатени извори во целата постапка причината е што банката пронашла услов во тендерот кој не е во согласност со нејзините правила. Тоа било дека меѓу другото пишувало дека изведувачи на работите може да бидат и домашни компании, што на еден начин било ограничувачко.
Во одговорот до РСЕ, ЕИБ вели дека треба да обезбеди користењето на средствата доделени за овој проект но да се во целосна усогласеност со стандардите наведени во финансиските договори.
„Со оглед на тоа што ЕИБ неодамна го отфрли исходот од тендерот, можно решение, доколку владата и Номагас одлучат да ја следат оваа препорака, е тендерот да се обнови“, велат од ЕИБ.
Дека има таков проблем со тендерот потврди и Премиерот Мицкоски во телевизиско интервју во кое кажа дека не се согласува со ретендерирање.
„Очекувам наместо да се пролонгира или ретендерира да се реализира проектот. Сега од финансиската институција велат дека треба ретендерирање. Зошто? После 9 месеци констатирале пропусти во тендерската документација. И сега моментално тој е со една цена, а што доколку после ретендерот се изгубат година или две. Што доколку после ретендерирање најповолната понуда е за 15 до 20 милиони евра поскапа. Како ќе излезам јас пред граѓаните што ќе кажам, поништивме тендер со Х вредност сега прифативме тендер со Х+20 милиони евра. На што ќе личам јас?“, рече Мицкоски.
Целиот текст можете да го прочитате овде