среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Интензивирани контактите за интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција

    Компаниите НЕР од Северна Македонија и ДЕСФА од Грција во изминатиот период ги интензивирале контактите со цел да се координираат активностите за започнување на градежните работи за интерконекторот за природен гас меѓу двете земји, објави грчкиот весник „Та неа“, повикувајќи се на свои извори.

    Според истите информации, минатата седмица во Скопје се одржала средба меѓу претставниците на двете компании, а проектот е во напредна фаза на лиценцирање и се чека носење на инвестициската одлука.

    -ДЕСФА, според достапните информации, до почетокот на септември ќе ја донесе соодветната инвестициска одлука за делот од проектот што се однесува на грчка територија, пишува „Та неа“.

    На крајот на октомври минатата година, министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас рече дека е завршено маркет тестирањето за гасоводот со Северна Македонија, кое се проценува дека ќе биде финализирано до средината на 2025 година и станува збор за систем кој ќе биде 100 проценти подготвен за транспорт на водород

    Интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас.

    Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до три милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на водород.

    Во октомври 2016 година беше потпишан Меморандумот за разбирање меѓу Националните енергетски ресурси (НЕР) на Северна Македонија и Националниот оператор за пренос на гас на Грција (ДЕСФА).

    Нешто помалку од пет години подоцна двете земји потпишаа договор на политичко ниво, а во октомври 2021 година извршните директори на двете компании го потпишаа договорот за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ