четврток, јуни 13, 2024
spot_img
Повеќе

    Има бум на фотоволтаици, Бектеши и Анѓушев повикаа да се внимава да не се произведе повеќе струја отколку што ни треба

    Има бум во поставувањето фотоволтаици, што може да предизвика поголем проблем во земјава, предупредија министерот за економија Крешник Бектеши и Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација. Бектеши по состанокот со претставниците на МЕА, Регулаторната комисија за енергетика и МЕПСО, ги повика потенцијалните инвеститори внимателно да ги следат процедурите, за да не се доведеме во ситуација да имаме многу поголемо производство отколку што ни е потребно.

    „Имаме речиси бум во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија во државата во согласност со податоците од ЕВН, МЕПСО и тоа што го имаме ние како Влада. Затоа би сакал и преку вас медиумите да ги повикам сите потенцијални инвеститори внимателно да ги следат сите процедури, да не се наведеме на тоа да имаме многу поголемо производство отколку потребите што ги има државата. Ние секогаш повикуваме да се обрне големо внимание на обновливите извори на енергија, но технички зборувано, во државата, за потребите на државата, производството е лимитирано во стратегијата колку може да се гради, од какви видови извори, вклучувајќи тука фотонапонски извори, ветерници, биомаса и слично“, рече министерот Бектеши.

    Анѓушев објасни дека енергетската транзиција, преминувањето кон алтернативни извори на енергија, што сега ни се случува, мора да се прави на начин како што треба за да не стане поголем проблем место решение. Предупреди дека може се појави проблем со огромни вишоци енергија произведени истовремено оти сите фотоволтаици во исто време произведуваат струја, која засега не се складира. 80 отсто од електричната енергија што се произведува во текот на годината се произведува од април до септември и во периодот од девет часот наутро до пет часот попладне.

    „Не смееме во тој период да дозволиме да има големи вишоци со илјадници киловати бидејќи во тој случај нема да се знае што да се прави со таа енергија доколку дојдеме до таква точка. За да не се дојде до таа точка или ако веќе оди во таа насока работата на инсталирање големи проекти во фотоволтаици, единственото решение е таа енергија да се складира. Складирањето, покрај во конвенционалните методи како реверзибилни хидроелектрани, како ‘Чебрен’, која треба да се изгради попатно кажано, бидејќи тоа е едно решение, е во таканаречените батериски системи, кои во последно време се хит и се единствено решение за овие проблеми. Тие треба да се опфатат и со легислативата во нашата држава во законските и во подзаконските акти . На денешниот состанок ја инициравме таа постапка. Во законот ги има, но легислативата треба да се доработи“, рече Анѓушев.

    На денешниот состанок договориле формирање работни групи составени од Министерството за економија, Регулаторната комисија, МЕПСО, ЕВН и МЕА, со цел да се забрза тој процес, кој ќе овозможи извесност и предвидливост за сите инвеститори во иднина.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ