Островот со 1.300 постојани жители на на Егејското море ќе се трансформира во заедница со решенија без јаглерод. Автомобилскиот гигант Фолксваген се согласи да помогне во укинувањето на фосилните горива на островот Астипалеа со воведување на електрични возила и придружни системи. Заедно со инсталацијата на обновливите извори, ќе се воспостави модел што ќе може да се примени во Европа и пошироко.
Германскиот производител на автомобили соопшти дека најпрво ќе снабди и инсталира опрема за да овозможи целосен премин кон електромобилност и паметна подвижност. Планот е да се замени сегашната флота од 1.500 возила со електрични, од скутери до амбулантни и лесни комерцијални возила и да се намали нивниот број за една третина.
Од друга страна, Грција има задача да ја развие инфраструктурата и да ги замени постојните четири дизел генератори за производство на струја со хибриден систем со складирање на батерии. Владата соопшти дека ќе се потпре на соларна и ветерна енергија. Новите извори на енергија се планира да покријат поголем дел од побарувачката на електрична енергија.
Проектот ќе започне во првиот квартал од следната година и е планиран да заврши до крајот на 2026 година. Двете страни изјавија дека ќе започнат услуги за паметна мобилност и дека во Астипалеа ќе бидат потребни помалку возила со моделот на споделување на возилата.
Островот има три населени места и 1.300 постојани жители, но годишно го посетуваат 70.000 туристи. Според учесниците на проектот, целосно електричната шатл-служба, достапна 24/7 преку мобилна апликација, ќе го подобри јавниот превоз.
„Астипалеа може и ќе стане модел на одржлив развој, не само на национално, туку на европско и глобално ниво. Може да даде пример за тоа како малите заедници можат да имаат корист од решавањето на старите проблеми со нови решенија “, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Автомобилскиот гигант би ги користел своите модели e-up !, ID.3 и ID.4, а одделот за комерцијални возила ќе произведе возила кои ќе ги користат јавните институции и комуналните претпријатија.