четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Европско знаме за еколошката такса

    Владата разгледува можност законот за новата давачка да се донесе како дел од регулативата поврзана со ЕУ, додека Finance Think препорачува таксата да се воведе скалесто: 1,5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022

     

    Правните служби на Владата ја разгледуваат можноста да се стави европско знаменце на предлог-законот за воведување зелена еколошка такса за горивата кој е во собраниска процедура. Ова го најави премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека зелената агенда е главна  реокупација на Европската Унија, а, согласно климатските промени и Парискиот договор, како што рече, очигледно е и на светот.

    „Тоа треба да го проверат правните служби и да се утврди дали се става европско знаме или не. Во наредните денови ќе се разгледаат сите можни опции заради тоа што е поврзано со зелената агенда, која дефинитивно е преокупација на Европската Унија. Сепак, веруваме дека парламентот ќе изнајде начин да се донесе законот, затоа што со еколошката такса, која е нова давачка, дефинитивно нафтата кај нас останува најевтина во споредба со која било земја во соседството и од земјите-членки на ЕУ“, изјави Заев, по најавите на опозицијата дека ќе го блокира законот за воведување на оваа такса.

    „ЦРВЕНО СВЕТЛО“ ВО ПАРЛАМЕНТОТ ЗА ЗЕЛЕНАТА ТАКСА

     

    Воведувањето на таксата, како што вели Заев, доаѓа во момент кога се намалува и претходно зголемената акциза затоа што во моментов цената на нафтата е 597 долари по барел, а штом стигне до 600 веднаш се укинува дополнителната акциза од два денара.

    „На тој начин се случува една своевидна компензација. Придобивките од воведувањето на еколошката такса се огромни, со нив фаќаме чекор со сите модерни и демократски земји кои водат грижа за здравјето на својот народ и создаваат еколошки фондови кои ќе бидат неопходни заради заштита на здравјето, воздухот и сите други еколошки аспекти на живеачката“, потенцира Заев.

    Според Finance Think, воведувањето на еколошката таксаќе има еднократен краткорочен ефект врз општото ценовно ниво – инфлацијата, кој би се движел од 0,15 до 0,3 проценти. Долгорочниот ефект од еколошката такса врз инфлацијата е потенцијално посилен 0,8 до 0,9 проценти, но емпириските докази за неговата статистичка значајност се поограничени.

    „Двата ефекта – краткорочниот и долгорочниот не треба да се потценуваат. Оттука, препорачуваме еколошката такса да се воведе скалесто, и тоа: 1,5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022. Со тоа, ценовниот ефект, без оглед колку е мал, ќе биде дополнително разводнет“, велат од Finance Think.

    Силно препорачуваме, нагласуваат, да се креира фонд за зелена транзиција кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ