петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    „Еуроникел“, ги гаси печките- не може да ја издржи енергетската криза

    Кавадаречки „Еуроникел индустри“, еден од најголемите индустриски капацитети во државата е првата голема жртва на енергетската криза, односно на високите цени на електричната енергија. Од таму денеска соопштија дека поради енормните трошоци се принудени да ги изгасат печките, а вработените да ги пратат на принуден одмор. Сепак, како што посочуваат, доколку Владата успее во заложбите да обезбеди поволна цена за електричната енергија или дојде до промена на цените на струјата на светските берзи, тогаш во најкус рок ќе го обноват производството.

    Еве го целосно соопштението од Еуроникел :

    „Еуроникел индустри“ е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, каде струјата има најголем удел во производниот трошок. Имајќи предвид дека цената на електричната енергија започна вртоглаво да расте уште во октомври 2021 година, ние преземавме бројни активности за амортизирање на последиците и продолжување на производниот процес.

    Со натомошна ескалација на пазарот на струја во месец јули 2022 година, застанавме со производството и во изминатите три месеци преземавме бројни неопходни ремонтни активности, а веќе во средината на септември, започнавме и со принуден платен одмор на работниците.

    Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес.

    Во меѓувреме, преземени се сите соодветни мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот.

    Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална поддршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе предвид дека „Еуроникел“ е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ, се вели во соопштението од „Еуроникел“ до медиумите.

    Синдикатот на Фени: Жалиме што до денес се уште нема решение за големите потрошувачи на електрична енергија

    Денес на состанок со менаџментот, бевме информирани за најновиот развој на настаните и одлуките донесени за иднината на компанијата. Имено, после три месеци одржувување во топла состојба и завршени бројни ремонтни активности, во недостиг на решение односно електрична енергија по цена која би овоможила продолжување на работните активности, донесена е одлука за целосно запирање на печката. Ова денеска го истакна Миле Ѓорѓиев, претседател на Синдикалната Организација при Еуроникел Индустри во врска со состојбите на компанијата.

    „Ваквата одлука е планска и со цел да се спречи натамошно одлевање на огромни парични средства кои се во милиони евра, а ќе бидат пренаменети во енергетски проекти кои имаат за цел во најкраток рок да го решат снабдувањето на електрична енергија. Во меѓувреме најголем дел од работниците и понатаму остануваат на принуден одмор, а дел останува на работа и е ангажиран на споменатите проекти, при што се применува принципот на ротација на вработените“, додава Ѓорѓиев.

    Ние сме во постојана комуникација со менаџментот на компанијата, вели Ѓорѓиев тековно сме информирани за сите сегашни и идни чекори и ја даваме целата наша подршка за надмнување на состојбите, а се со цел да се зачуваат работните места на сите вработени.

    „Будно ги следиме и активностите на институциите, жалиме што до денес се уште нема решение за големите потрошувачи на електрична енергија, кои воедно се и најголеми работодавачи со најголем придонес во домашната економија, и апелираме што побрзо да се излезе со соодветна подршка, со цел да бидат заштитени работниците и да им се обезбеди соодветен социјален статус“, изјави претседателот на Синдикалната Организација при Еуроникел Индустри.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ