сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕСМ заштедиле средства од помошта на Владата и ќе ги вратат во државниот буџет

    Со домаќинско работење АД ЕСМ е ликвидно и во текот на оваа недела или на почетокот на наредната компанијата во Буџетот ќе врати одредени средства кои ги доби од Владата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.

    Тоа, посочи, значи дека ќе има дополнителни средства за да се дизајнираат нови мерки за помош на граѓаните за справување со кризата.

    -Секоја година ЕСМ до Владата доставува финансиски извештај за претходната година. Во моментот кога ќе се достави финансискиот извештај ќе се донесе одлука за одредени финансиски средства да бидат вратени во Буџетот. Тоа најверојатно би било во текот на наредната недела, рече Бектеши во одговор на прашање при денешната посета на супермаркет заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Горан Трајковски.

    Не е важен моментот кога ќе се вратат средствата, додаде, туку е важно дека иако им беа дадени средства тие не ги искористија, го зголемија производството и во јануари и во февруари и сега имаат простор тие средства да ги вратат во Буџетот, а ние како Влада да ги пренасочиме кон граѓаните, посебно кон тие што имаат најголема потреба.

    Директорот на ДПИ нагласи дека при нивните контроли откриле дека над 85 отсто од компаниите кои добија субвенционирана цена за струјата од 80 евра за мегават час не го испочитувале договореното, односно не ги намалиле цените на продуктите.

    -ДПИ изврши детални анализи на оние компании кои користеа субвенционирана електрична енергија. Нашата споредба беше од ноември пред донесувањето на одлуката за субвенционирање, па во наредните четири месеци. Имаше компании кои воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и компании кои ги намалија цените. Извештајот го доставивме до Министерството за економија, бидејќи ние немаме законска обврска за понатамошните постапувања, туку имаат Владата и Министерството за економија, рече Трајковски.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ