четврток, октомври 10, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕЕЗ: Македонскиот енерегетски сектор ако игра фудбалски натпревар би загубил во четвртфиналето

    Ако македонскиот енергетски сектор би бил дел од фудбалски натпревар би ја поминал групата, но би бил дисквалификуван во четвртфиналето.Со оваа „фудбалска“ метафора директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски денеска пред Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на Собранието, опиша каде се наоѓа земјава во споредба со другите договорни страни на Енергетската заедница.

    Лорковски ја опиша состојбата во која се наоѓа секторот. Вели дека минатата година подобри од нас биле Србија, Црна Гора па дури и Украина во која веќе неколку години се војува. Забележале дека подобрување има, но велат дека во  енергетика треба уште многу да се работи.

    Во просек сте во однос на имплементацијата на законодавството на Енергетската заедница или кога станува збор за успешноста, вие сте на 53 проценти, горе-долу во средина на скалата за мерење, вели  Артур Лорковски, директор на секретаријатот на ЕЕЗ.

    Според него, пазарот на електрична енергија за тргување ден однапред е воспоставен и тоа е клучно за Северна Македонија дома да го подобри системот кој ќе и овозможи да се интегрира во ЕУ и соседните земји. Државата неодамна воспостави и функционален систем за пренос на гас, а значително ги прошири и капацитетите за обновливи извори на енергија, но во овој сегмент е, сепак, потребно дополнително усогласување на законодавството.

    Системот на нафтени резерви е подобрен, дополни Лорковски, а има прогрес и во однос на декарбонизацијата. Но, препорака е државава што поскоро да го ажурира Националниот акциски план и да го достави до Секретаријатот на Енергетската заедница. Тоа, како што потенцира Лорковски, се очекува да ја разјасни климатската стратегија на земјата и на европските партнери и инвеститори да им даде јасна визија како Северна Македонија гледа на декарбонизацијата и која е иднината на производството на јаглен во Северна Македонија.

    Лорковски  укажа дека има одредено задоцнување во изградбата на енергетското поврзување со Албанија, а ако тој проект биде имплементиран, посочи, заедно со уште неколку во регионот, помала би била можноста да снема струја, како што се случи неодамна.

    Заостанува, оцени, и пазарот на гас каде има спојување на две компани и создавање нов систем/оператор за пренос на гас кој се уште не е сертифициран. До регулаторниот орган е испратено мислењето на Енергетската заедница за сертификацијата, поради што се очекува овој процес набрзо да заврши.

    Во врска со безбедноста на снабдувањето со електрична енергија, Лорковски напомена дека уште не е донесен законот за безбедност на мрежи и информациски системи, област во која, рече, земјава треба што поскоро да направи чекор напред.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ