четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕДС анализа: Предизвици и трендови во енергетската 2023 година

    Годинава која завршува се одликува со една (горе-долу) завршена криза – COVID-19 пандемијата, со една нова започната – војната во Украина и со рекордни параметри на една долгорочна криза која е од егзистенцијална природа за живиот свет на целата планета – климатските промени.

    Украинската криза, која по своја природа е резултат на судир на два глобални концепта, произведе енергетска криза на европскиот континент каква досега не била забележана во историјата. Кризата се карактеризира со нарушување на децениските вообичаени текови на енергенсите од Русија кон Европа, волатилноста на цените за истите енергенси, реперкусијата врз цените на електричната енергија на сите европски регионални пазари и најкарактеристично од сé – политичкиот одговор на Европа кон глобалниот конфликт кој се чини дека е со иста ефикасност како и здравствениот одговор кон COVID-19 пандемијата. Во пролетта 2023 ќе се навршат три години од почетокот на карантините и строгите здравствени мерки и се надеваме дека тоа ќе остане минато. За тековнава криза со безбедносните предизвици на исток од европскиот континент, би сакале да веруваме дека состојбата со воените активности би спласнала барем до ниво да нема понатамошни жртви и уништувања. Што се однесува до тотално релаксирање на конфликтот не очекуваме брзи решенија.

    Идниот развој на енергетската криза во Европа ја гледаме во три периоди. Првиот период е тековниов во кој трае грејната сезона во Европа и ќе трае до пролетта 2023. Вториот период ќе се случува по завршување на грејната сезона и во текот на туристичката сезона летото 2023, додека следната голема непозната ќе се случува во текот на следната грејна сезона 2023/2024. На прашањето како ќе се развиваат берзанските цени за енергенсите одговорот е секогаш ист – берзата не може да се предвиди. Но, она што за жал може да се претпостави со релативно голема сигурност, е дека енергијата нема повеќе да биде на ценовното ниво од пред пандемијата.

    Една анализа произведена од аналитичкиот тим за енергетика во Голдман Сакс банката, објавена во Лондонски Гардијан на 13 септември 2022, покажа дека Европските држави го искористиле летото 2022 година и се уште функционирачките гасоводи помеѓу Русија и Европа за полнење на мандаторните резерви со природен гас. Со резерви исполнети на ниво над 90% до крајот на октомври 2022 и со дисциплинираното придржување до мерките предложени за заштеда на енергија, банката прогнозира дека во текот на оваа зима 2022/2023 цената на природниот гас ќе падне за повеќе од двојно во однос на спот цената во септември 2022. Тој пад би бил од тогаш тековната цена на природниот гас од 215 EUR/MWh на цена пониска од 100 EUR/MWh во првиот квартал од 2023. Резервите се надополнуваа се разбира и со количините втечнет природен гас (LNG) кои беа испорачувани од САД во текот на пролетта и летото оваа година. Тоа е тој глобален прераспоред – глобален шифт во трговија со енергенси кој ја карактеризира 2022.

    Уште еден значаен „шифт“ кој се случи оваа година, а е малку познат поради својата природа, е синхронизацијата на целиот украински електроенергетски систем кон Европската континентална интерконекција. Со други зборови, електроенергетскиот систем на Украина од 16 март 2022 година стана дел од европскиот со што капацитетите за производство на електрична енергија од Украина кои ги надминуваат потребите од електрична енергија на самата држава можеа да бидат употребени како роба за трговија на европските берзи за електрична енергија и со тоа делумно да се релаксираат цените на струјата. Но, константните уништувања на електроенергетската инфраструктура на Украина сето ова го прави тешко достапно. Исто така, кога предвид ќе се земат датумот на финална синхронизација – 16 март 2022, како и ноември 2021 како почеток на тестирање на паралелната синхронизирана работа, секој може да разбере дека ниеден од тие датуми не биле случајно одбрани.

    Поради падот на индустриската потрошувачка на природен гас во Европа во пресрет на Божиќните празници, цената на гасот е навистина падната на ниво под 100 EUR/MWh, но за основани заклучоци во врска со прогнозите на Голдман Сакс ќе треба да се почека крајот на јануари 2023.

    Уште еден невообичаен развој се случи, и се случува на берзите за електрична енергија, каде што до минимум се намали или целосно исчезна можноста да се набави енергија на долг рок по фиксна цена.

    Анализа на ЕДС за прогнозите на HUDEX наспроти спот цените на HUPX

    Почнувајќи од крајот на 2021 година, кога волатилноста на цените во енергетскиот сектор веќе земаа замав, бројот на трансакции на HUDEX платформата на Унгарската берза за електрична енергија за futures/derivatives производи почна да опаѓа. Како почнаа да исчезнуваат налозите за понуди и побарувања на енергија преку платформата за деривативни производи, така исчезнуваше и довербата на трговците во цените на деривативните производи. Она што следеше почнувајќи од јануари 2022 година беше платформа која редовно објавуваше цени од една страна, но не добиваше ниту понуди ниту побарувања ниту пак се регистрираа склучени трансакции од друга страна кои би ги оправдале објавените цени.

    Една куса анализа околу веродостојноста на прогнозираните цени за деривативните производи (производи кои финансиски се тргуваат денес, а физички би се испорачале во иднина) наспроти реализираните цени на спот пазарот покажува дека довербата кај трговците и од двата табора ( и оние кои нудат енергија и оние кои истата сакаат да ја купат) со право е загубена. Наједноставното толкување на резултатите од анализата би било дека трговците кои нудат да продадат енергија не веруваат дека прогнозираните цени се доволно високи и сметаат дека кога ќе дојде време производот да почне физички да се тргува на спот пазарот, ќе се тргува по повисока цена, додека пак спротивниот сентимент се набљудува кај трговците кои сакаат да купат енергија кои сметаат дека на спот пазарот производот ќе се тргува пониско од прогнозираните цени. Се покажа дека и покрај фактот што прогнозите на HUDEX ги промашија прогнозите во двете насоки, сепак трговците-купувачи се покажаа како поголеми домаќини избегнувајќи да ги хеџираат своите позиции, насочувајќи се скоро ексклузивно кон спот пазарот, сега за сега.

    Скенирањето на цените за анализата ги зема предвид прогнозираните цени за производите април, мај и јуни 2022, Q3 и Q4 на 2022, Q1 на 2023 како и Годината 2023. Набљудуваните цени беа просекот помеѓу peak-load и base-load прогнозираните цени за секој од производите. Анализата ја следеше разликата помеѓу ценовното ниво на HUDEX прогнозата (ex-ante) наспроти просечната реализирана цена на HUPX спот пазарот откако периодот на производот бил веќе истечен (ex-post).

    Периодот во кој беа скенирани прогнозите беше од 1 март до 13 декември 2022 година. Резолуцијата на примероци беше со растојание од горе-доле 2 недели со должно внимание на работни и неработни денови.

    Конечно, скенираните прогнозирани цени беа споредени со реализираните цени откако периодот на производот ќе истечеше. Резултатите покажаа дека во повеќето случаи (4 наспроти 1) прогнозираните цени на HUDEX платформата беа далеку повисоки од реализираните цени. Само во еден случај, за производот Q3 на 2023, прогнозираната цена на HUDEX се покажа како оптимистичка во однос на цената по која истиот производ се тргуваше на спот пазарот.

    Од 4 случаи во кои HUDEX прогнозирал повисоки цени од реализираните, само во еден случај реализираната цена била внатре во опсегот на прогнозираните цени во набљудуваниот период, со тоа што реализираната цена е скоро залепена на долната граница на опсегот и беше 13% под просекот на опсегот. Во останатите случаи прогнозата на HUDEX ja промашувал реализираната цена за негативни 55%, 33% и фантастични 75% за производите април, мај и Q4 на 2022, како и со позитивна разлика од 32% за производот Q3 на 2022. И доколку овие разлики се набљудуваат во контекст на берзите и трговијата со електрична енергија – разликите се огромни. Но, ова нетреба да се разбере како губење на довербата во Унгарската берза – напротив, таа берза се уште е најликвидна и стожерна берза за регионот на средна, источна и југо-источна Европа. Едноставно, трговците не се осмелуваат да ги преземат ризиците на долгорочни позиции по фиксни цени, сега за сега.

    Како куриозитет може да се спомне прогнозираната цена за цела 2023 година на 13 декември од 418 EUR/MWh, или денешната цена од 304.5 EUR/MWh на кои што ако им се аплицира грешката од 55% како што е забележана грешката за производот април 2022, тогаш во таков случај би можело да се очекува реализираната цена за 2023 година да биде 188 или 137 EUR/MWh. Се разбира, не само што предвидувањето на берзански цени е невозможно, туку и апликацијата на статистики кои се случиле во минатото врз развојот на цените во иднина не обезбедува доволно ниво на доверба за трговците да се коцкаат со парите на нивните акционери. Но сепак вреди да се истакне дека прогнозираните цени за 2023 година само за 10 дена опаднаа за повеќе од 100 EUR/MWh (27% пониско) и денес производот YR-23 се прогнозира на ниво од 304.5 EUR/MWh.

    На крајот на годинава би сакале да можеме да презентираме добри вести полни со охрабрување и надеж за подобра иднина. Можеби опусот на подзаконски акти потребни за конечно функционирање на пазарот на природен гас кој денес беше презентиран од страна на ГА-МА ја обезбедува надежта дека барем нешто во енергетскиот сектор оди на подобро. Би сакале исто така да веруваме дека нај тешките моменти од оваа енергетска криза се зад нас. Искрено се надеваме дека е така.

    (Анализата ја подготвија Златко Черепналкоски, директор на маркетинг и продажба во ЕДС и Крумислав Рафајловски, раководител на Trade оддел во ЕДС-Анализата беше објавена во Капитал.мк)

    НАЈНОВИ ВЕСТИ