четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕБОР обезбеди уште пет милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност на објектите

    По успешното завршување на проектите, заемопримачите ќе имаат право на поврат на средства до 20 проценти, финансирани од Европската Унија

     

    Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди нов финансиски пакет од пет милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност во домовите во рамки на Фондот за Западен Балкан за финансирање на зелена економија (ГЕФФ II).

    Преку „Шпаркасе банка“ – Македонија АД Скопје, средствата од заемот ќе бидат достапни за инвестиции во зелени технологии со високи перформанси, материјали и решенија во куќи и станбени згради во приватна сопственост.

    По успешното завршување на проектите, заемопримачите ќе имаат право на поврат на средства до 20 проценти, финансирани од Европската Унија.

    „Ќе продолжиме да ги поддржуваме инвестициите што придонесуваат за зелената транзиција. Со потпишувањето на овој пакет очекуваме да им дадеме дополнителен поттик на бизнисите во земјата преку обезбедување подобар пристап до финансии, помагајќи им да се опорават од пандемијата и да ја подобрат нивната конкурентност, рече Анди Аранитаси, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Скопје.

    Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје порача дека со зголемувањето на енергетската ефикасност на зградите може значително да придонесеме за климатските цели, како и да им се помогнеме на домаќинствата и на деловните субјекти да ги намалат трошоците.

    „ГЕФФ обезбедува финансиска поддршка за такви инвестиции, како и за зголемена употреба на обновлива енергија. Тоа е дел од пошироката поддршка на ЕУ за спроведување на целите за климатските промени во Западен Балкан и закрепнување по економскиот пад предизвикан од пандемијата „Ковид -19“, рече Гир.

    Програмата ГЕФФ, за подобрување на енергетската ефикасност, се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Таа нуди финансии за инвестиции во зелената економија во станбениот сектор, како и за бизниси кои обезбедуваат енергетска ефикасност и производи и услуги за обнова на енергијата за домаќинствата.

    Програмата неодамна беше зголемена на 135 милиони евра, како одговор на зголемената побарувачка. ГЕФФ се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, кофинансирана со грантови средства од Европската Унија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Австриското федерално министерство за финансии.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ