петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Државните институции заштедиле вкупно 20% електрична енергија во септември

    Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес- конференција во Владата ја презентираше анализата за заштеда на електрична енергија во септември споредено со истиот месец минатата година од страна на сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија. Според анализата остварена е вкупна заштеда од 20% на потрошувачката на електрична енергија.

    Овие мерки почнаа да се применуваат од 1 септември и сите органи на државната управа, државни институции и јавни претпријатија беа задолжени да остварат заштеди во потрошувачката на електрична енергија за 15% на месечно ниво започнувајќи од 1 септември 2022 година заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.

    Согласно податоците на Министерството за економија обезбедени од Електродистрибуција АД Скопје за потрошувачката на електрична енергија од министерствата со сите подрачни единици, Владата, Судовите и Собранието, Кабинетот на претседателот, како и ЕЛЕМ и МЕПСО направена е вкупна заштеда на електрична енергија од 20%.

    Доколку се анализираат податоците земени од потрошувачката само на административните згради на Министерствата, Претседател на РСМ, Собрание на РСМ, Влада на РСМ, АД ЕСМ, АД МЕПСО заштедата на струја изнесува 25%.

    При што 6 субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15% согласно задолженијата, додека останатите субјекти имаат остварено заштеди од 15%-73%, повеќето од 25% до 35%. Единствено административната зграда на Министерството за локална самоуправа, има зголемена потрошувачка на енергија за 81% во септември 2022, споредено со истиот месец 2021 година.

    Согласно податоците, заштедата на електрична енергија во зградата на Владата е 25%, кај Министерство за внатрешни работи 21%, Министерство за култура 40 %, Министерството за образование 35%, Министерство за политички систем 22%, Министерство за транспорт и врски 30%, Министерство за труд и социјална политика 36%, Министерство за финансии 32%, Министерство за економија 30%.

    Од друга страна најмала заштеда е направено во административната зграда на Министерството за здравство од 2%, по што следат Министерството за надворешни работи од 8% заштеда и Министерството за одбрана од 8% заштеда.

    Собранието заштедило 29% од потрошувачката на електрична енергија, додека кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17%.

    Исто така во, анализата на потрошувачката на електрична енергија покажува дека заштедата кај претпријатијата во државна сопственост изнесува 8%, а опфатени се вкупно 17 државни компании.

    Од нив 9 субјекти оствариле заштеди од минимум 15% во месец септември 2022 година споредено со истиот месец во 2021 година, пет субјекти оствариле заштеди помалку од 15%, два субјекти имаат поголема потрошувачка на електрична енергија.

    Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена односно цената на HUPX + 20%. Најголем број на субјекти кои се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта, по што следат министерствата и здравствените установи.

    Согласно анализата општините кои имаа препорака за заштеда на електрична енергија вкупно за 29% ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во септември, споредено со истиот месец претходната година.

    При тоа од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15%, а останатите 56 општини успеале да направат заштеда на електрична енергија поголема од 15%

    Најмногу отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе.

    Останатите што не ја постигнале заштедата од 15% се во ранг од -14%до +13%.

    Министерство за локална самоуправа: Не потрошивме повеќе електрична енергија, туку заштедивме 43 отсто

    Информацијата што денес ја објавија повеќе медиуми, повикувајќи се на официјални податоци од Владата дека Министерството за локална самоуправа потрошило за 79 отсто повеќе струја во септември оваа година во споредба со септември лани, содржи неточни и невистинити податоци, велат во реакција од Министерството за локална самоуправа.

    „Веста, за жал, се заснова на погрешни податоци содржани во официјалната Информација со споредбена анализа за потрошена електрична енергија од државните институции која беше усвоена на вчерашната седница на Владата. Според таа информација, Министерството за локална самоуправа во септември оваа година потрошило 14.908 киловат-часови, што е неточен податок. Според евиденцијата во книговодството на Министерството за локална самоуправа – доставените фактури од ЕВН за периодот од 01.09.2022 до 30.09.2022 година министерството потрошило вкупно 4701,45 киловат-часови електрична енергија, а во споредбениот период од 01.09. до 30.09.2021 вкупно 8245 киловат-часови“, велат од министерството.

     

     

     

    Тоа е значајно намалување или заштеда за 43 отсто електрична енергија, што го вбројува министерството во државните институции и министерства кои заштедиле најмногу.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ