Во текот на јануари ќе биде одржана средба меѓу АД ЕСМ и турската државна компанија БОТАШ на која ќе стане збор за снабдувањето со природен гас, а ќе се разговара и за енергетските капацитети, можностите за снабдување со енергенти и другите опции за помош и поддршка од Турција во делот на енергетиката, соопштија од АД ЕСМ.
Оваа средба била договорена вчера за време на посетата на енергетската делегација од Турција одржана во Владата. Притоа, директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, го запознал министерот за енергетика Фатих Донмез и членовите на делегацијата, со капацитетите на АД ЕСМ, производството на електрична и топлинска енергија, како и менаџирањето во услови на енергетска криза, соопштија од ЕСМ.
Инаку, примарна дејност на турската државна компанија БОТАШ е продажба, испорака и складирање на природен гас. На средбата во Владата биле разменети информации и искуства од работењето на двете компании.
Директорот Ковачевски истакнал дека е добро во време на енергетска криза да имаме поддршка од Турција, која располага со зголемени можности и капацитети за производство на електрична енергија, и особено за снабдување со природен гас.
Турција стана голем регионален центар за складирање и испорака на природен гас, и за АД ЕСМ и за Северна Македонија е значајно да имаме сигурно и стабилно снабдување со овој енергенс, поради потребите во кризата со електрична енергија, а особено во делот на кризата со топлинска енергија, и очекуваме во иднина да имаме поддршка од Турција на ова поле, посочуваат од ЕСМ.