Министерот за економија Крешник Бектеши, вели дека до крајот на неделата би требало да бидат готови анализите што ги прави Министерството за можноста да остане летното сметање на времето со цел поголеми заштеди на електричната енергија.
„Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот“, изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот со работа на соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово.
И премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментот не би можел да каже каква одлука ќе се донесе се додека не ги види анализите.
– Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има про-оставање на летното сметање на времето но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука, рече Ковачевски.
Министерството за економија вчера доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуалното продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.