Тест-проба на 10-мегаватната фотонапонска централа „Осломеј 1“ беше извршена денеска.
Оваа централа е карактеристична по тоа што е прв проект кај нас, но и пошироко во регионто на југоисточна Европа кој значи постепена замена на капацитет кој работи со класични енергенти – јагленот, со чиста енергија. Фотонапонската централа е во сопственост на ЕСМ, а е изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“.
На настанот, со кој беше одбележано завршувањето на градба на фотонапонската електрана, меѓудругите, присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и лидери на политички партии.
„Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина. Овој проект е од огромна важност, бидејќи е прв проект со кој се заменува производството на електрична енергија од загадувачка во чиста технологија. Истиот е пример за одлично спроведен проект во целиот регион на Југоисточна Европа, и како таков е пример и за идните проекти за енергетска транзиција во земјите на Западен Балкан“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, тест-пробата што се врши денеска и скорешното официјално пуштање во употреба на фотонапонската централа, за земјава значи движење кон производство на чиста енергија што е и заложба на ЕУ.
Соларната централа од 10 MW е изградена на место на затворениот рудник за јаглен Осломеј, а беше изградена од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), компанија за производство на електрична енергија во државна сопственост. Ова е првата соларна централа во Северна Македонија, изградена со цел да ги диверзифицира изворите на енергија и да ја поддржи декарбонизацијата. Се очекува да произведува скоро 15 GWh електрична енергија и да замени 12.177 тони на јаглероден диоксид на годишно ниво, соопшти Европската банка за обнова и развој.
ЕБОР ја поддржа оваа инвестиција со кредит во износ од 5,9 милиони евра, додека билатералните донатори од Инвестициската програма за Западен Балкан обезбедија дополнителни 1,6 милиони евра грант. Вкупната вредност на проектот е 8,7 милиони евра.