сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Цената на струјата нема да поскапи, но ќе има зголемен данок од 1 јануари

    Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски не очекува да има зголемување на цената на електрична енергија, освен во оној дел околу данокот кој од 1 јануари наместо 5 треба да биде 10 проценти.

    Имено, за да се спречи граѓаните да плаќаат повисоки сметки лани во јули данокот беше намален и во моментов изнесува 5 отсто, меѓутоа одлуката што беше донесе предвидува тој постепено да се враќа до старото ниво од 18 отсто. Првото етапно враќање е предвидено од 1 јануари 2023 од кога данокот треба да биде 10 отсто.

    „Ние како ЕСМ она што го правиме е значително да ги намалиме непродуктивните трошоци, да го зголемиме домашното производство. Зголеменото домашно производство значи и намалена цена на домашно произведената електрична енергија. Така што во тие насоки ќе гледаме цената да биде избалансирана и, она што го слушнавте и од министерот за економија и од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), не е очекувано да има зголемување на цената за електрична енергија освен оној дел од данокот, кој знаеме сите дека од 1 јануари треба наместо 5 да биде 10 проценти затоа што минатата одлука така се донесе и важноста на законот е од 1 јануари да има зголемување на данок, односно враќање на даночната стапка периодично во наредните години до процент колку што беше пред прогласувањето на кризната состојба и одлуката за данокот“, рече Ковачевски.

    Зборувајќи за домашното производство на електрична енергија, на прес-конференција тој рече дека ЕСМ за периодот од 1 јануари до 31 октомври годинава го исполниле планот за зголемување на производство.

    Дополнително зголемување на производството тој најавува за од декември кога во функција треба да биде ставен и блокот 3 во РЕК „Битола“, за кој трансформаторот е набавен и во моментов се транспортира кон земјава. Очекувањата се да пристигне до 22 ноември, а по десетина дена монтажа, да се стави во функција на почетокот на декември.

    Директорот на ЕСМ посочи дека поради задоволеното ниво на производство на струја дома, во октомври немало набавка на електрична енергија, додека во првата половина од месецов се набавувало само за седум дена, а се очекува увоз и сега во втората половина.

    Исто како и министерот за економија, Крешник Бектеши, и Ковачевски набавките ги објасни со тоа што ако се имаат предвид цените за струјата на берзите во моментов поисплатливо е да се увезе отколку да се произведе.

    „Набавките се заради ремонтот што се прави во ТЕЦ Неготино, односно производната цена во ТЕЦ Неготино е повисока од цените на берзите така што подобро да штедиме и мазут и пари, и полесно беше да се набават. Од декември, како што кажав, ќе го зголемиме производството и ЕСМ има земено обврска за зголемување минимум 20 проценти во однос на претходната година, а тоа ќе значи 100 процентно исполнување на обврските кон сите договорни органи што ги имаме“, рече Ковачевски.

    Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски очекува што поскоро на слободниот пазар да се вратат фирмите кои нелегално се префрлени на регулираниот пазар. Тој признава дека тие можат да ја оптоварат цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи.

    Во таа насока, вели дека се добри најавите од првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, за воведување блок тарифи на регулираниот пазар и за фирмите, исто како што беше направено со домаќинствата, па на таков начин оние што трошат повеќе и ќе плаќаат повеќе и на големите компании нема да им биде од корист да бидат на регулираниот пазар.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ