вторник, април 23, 2024
spot_img
Повеќе

    Блок тарифи и за струја за фирмите кои сакаат на регулиран пазар

    Регулаторната комисија за енергетика подготвува блок тарифи за потрошувачка на електрична енергија и за компаниите, а цената на оние компании кои ќе трошат многу  ќе биде повисока и од берзанската цена за да се одвратат од враќање на  регулираниот пазар.

    – Доколку сакаат да се вратат на регулиран пазар на овој начин како што го прават, нема проблем, ќе се вратат, но ќе плаќаат цена којашто ќе биде нешто повисока и од пазарната и верувам дека на тој начин овој тренд ќе престане и дека нема да имаме многу итарпејовци да измислуваат разни начини како да се враќаат назад од слободниот на регулираниот пазар – вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски за  Радио Слободна Европа.

    Бислимоски засега не открива колку тарифи ќе има и како ќе изгледаат тие.

    На регулираниот пазар се оние фирми со помалку од 20 вработени и годишен промет под 2,5 милиони евра. Големите фирми набавуваат струја на слободниот пазар.

    Неодамна владата соопшти дека  дел од големите фирмите кои треба да бидат на слободен пазар со малверзации успевале да се вратат на регулираниот пазар. Тие отворале мали фирми ќерки а потоа го закупувале броилото и користеле струја од регулираниот пазар како мала фирма. Меѓу нив имало индустриски компании, ланец маркети, аптеки, казина, осигурителни компании, мобилни оператори и речиси сите општини.

    Општините формираа посебни јавни претпријатија со кои по пониска цена набавуваа струја за јавното осветлување. Големите фирми, пак, отворале помали фирми ќерки, а потоа го закупувале нивниот струјомер за да плаќаат поевтина струја.

    Поради напливот на вакви фирми на регулираниот пазар, ЕСМ во првата половина од годинава потрошило 30 милиони евра за увоз на струја.

    До лани цените на слободниот пазар беа пониски отколку на регулираниот, но откако цената на струјата на берзите почна неконтролирано да расте, околу 12 илјади потрошувачи пребегаа на регулираниот пазар за да користат поевтина струја.

    Владата од 1 декември со сила ќе ги врати на слободниот пазар големите фирми што со изигрување на законот од слободниот се вратија на регулираниот пазар за да трошат поевтина струја наменета за граѓаните и малите фирми.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ