среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Битиќи: РКЕ и ЕВН хоум треба да се занимаваат со оние кои недозволено се префрлиле на регулираниот пазар на електрична енергија

    Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) и компанијата која ја испорачува електричната енергија – ЕВН хоум треба да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од отворен на регулиран пазар, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    – Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје.

    Станува збор за големи фирми и општини што се снабдуваат со поевтина електрична енергија, која според законот не им следува, користејќи „шема“ преку отворање мали фирми ќерки со до 20 вработени и со закупување на нивното броило.

    Трендот на преминување на фирми и општини од слободниот на регулиран пазар преку „шема“ на отворање на мали фирми ќерки во јавноста го откри РКЕ во април, оваа година. Токму поради ваквата „шема“ на општините и компаниите, до 30 јуни годинава бил направен непланиран увоз на електрична енергија од 30 милиони евра.

    Училиштата и градинките, како што додаде Битиќи, ќе останат на регулираниот пазар на електрична енергија се додека за тоа има одлука на Влада. Oдлуката е до крај на април идната година да бидат на регулираниот пазар со одредени фиксни цени на електричната енергија, а после тоа треба да се вратат на слободен пазар доколку состојбите се подобрат, нагласи Битиќи.

    Најави дека во март идната година, Владата ќе одлучи што ќе се прави после април, бидејќи, како што кажа, одредена извесност за тоа што ќе се случува има само до април.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ