сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Битиќи: Пресудата на Арбитражниот суд во Париз е во полза на нашата држава

    Адвокатскиот тим на Дехерт од Париз, ангажиран од Владата, во претстојниот период ќе ја анализира арбитражната пресуда во спорот меѓу ЕЛ.ПЕТ Балканики и Република Северна Македонија, кој произлегува од Договорот за продажба на акции на Рафинеријата ОКТА од 1999 година по што ќе биде донесена одлука за следните правни чекори кои ќе бидат преземени, информира Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    Со Пресудата, потенцираат, е утврдено дека ЕЛ.ПЕТ нема право да бара пенали за периодот додека ОКТА не работела од 2012 до 2019 година, односно дека ова се последните пенали кои државата ги плаќа по основ на Договорот од 1999 година.

    -ЕЛ.ПЕТ побаруваше главен долг од 31.590.000 американски долари по основ на непотрошен мазут на ОКТА од гарантираната годишна количина од 500.000 тони за годините 2008, 2009, 2010 и 2011 година. Исто така, побаруваше 5 отсто годишна затезна камата сметано од 22.12.2015 година, што во апсолутен износ изнесува околу 11.056.000 долари до 22.12.2022 година, како и адвокатски трошоци и трошоци на арбитражната постапка во износ од 1.439.920 евра. Вкупното побарување на ЕЛ.ПЕТ Балканики по основ на главен долг и камата изнесува 42.646.000 долари, соопшти Кабинетот на Битиќи.

    Оттаму прецизираат дека Арбитражниот суд досуди 21.478.797 долари за главниот долг од побаруваните 31.590.000 долари, како и затезна камата по ЕУРИБОР стапката која е негативна во претходниот период, наместо побаруваните 11.056.000 долари.

    -Со тоа вкупно досудениот износ по основ на главното побарување до денес е околу 21.478.797 долари, што претставува околу 51 отсто од побаруваниот износ со тужбата (42.646.000 долари). На ЕЛ.ПЕТ му се досудени и 787.334 евра за адвокатски и арбитражни трошоци од побаруваните 1.439.920 евра. Со Пресудата е утврдено дека вкупната количина на потрошен мазут на ОКТА во период 2008-2011 година изнесува 1.204.489 тони, така што на ЕЛ.ПЕТ му следат пенали од 27 УСД по тон за 795.511 тони мазут, прецизираат од Кабинетот на Битиќи.

    Спорот траеше од 5 декември 2018 година, а застапник на државава беше адвокатската куќа Дехерт од Париз.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ