четврток, февруари 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: ТЕЦ Неготино ќе престане со работа ако увезената струја е поевтина

    Доколку увезената цена на електрична енергија е пониска од онаа што се произведува во ТЕЦ „Неготино“, тогаш ќе биде донесена одлука оваа термоелектрана да престане со работа, уверува министерот за економија Крешник Бектеши.

    – Ако ЕСМ ни достави податоци дека производствената цена на ТЕЦ „Неготино“ е повисока од увезената цена на електрична енергија, насоката на Владата ќе биде ТЕЦ „Неготино“ да не работи и да се увезува електрична енергија која ќе биде поевтина, изјави Бектеши, по денешната средба со тимот од Македонската енергетска асоцијација.

    Такви податоци, како што рече, моментно немаат добиено од ЕСМ, но вети дека уште денеска ќе исконтактираат со оваа енергетска компанија.

    – Секогаш ќе ја одбереме најевтината варијанта. Ќе ги намалиме сите трошоци на електрична енергија од страна на сите енергетски компании со цел да ги намалиме трошоците за граѓаните и за стопанството и на таков начин да влијаеме врз животниот стандард на граѓаните и нашето стопанство да биде поконкурентно, рече Бектеши.

    Она што е значајно, според него, е тоа што после 15 години првпат во јануари имаме над 80 проценти домашно производство на електрична енергија.

    – Ова покажува дека сите институции ја завршиле својата работа и дека справувањето со енергетската криза е успешно, констатира Бектеши.

    За повлекувањето на струја од страна на ЕСМ во јануари, Бектеши рече дека повлечени се 820 мегавати електрична енергија, но дека ја немаат точната сума. Фактурата до МЕПСО, како што рече, треба да стигне до крајот на февруари.

    Во однос на мерењата за загадувањето на воздухот поради користењето на мазутот за производство на електрична енергија, Бектеши рече дека Министерството за економија не располага со вакви податоци и упати на Министерството за животна средина и просторно планирање и Инспекторатот за животна средина.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ