четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Нема потреба од кризна состојба во енергетиката

    Во моментот нема потреба да се прогласи кризна состојба во делот на енергетиката, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, нагласувајќи дека до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата.

    „Големи ценовни шокови нема да има и за тоа сум убеден. Ќе интервенираме секаде каде треба за да нема такви ценовни шокови. Не верувам дека ќе се доведеме во таква ситуација во јануари“, рече Бектеши на денешната прес-конференција по седницата на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, додавајќи дека отсега никој не може да гарантира дали ќе има зголемување на цената по Нова година, бидејќи се работи за светска криза која се рефлектира и врз нашата електроенергетска мрежа.

    Бектешти посочи дека веќе работи вториот блок на РЕК „Битола“, кој се надева дека до крајот на денот ќе работи со полн капацитет, а веќе е испратено и писмо до стопанските комори за набавка на мазут во случај да треба да се вклучи ТЕЦ „Неготино“.

    Министерот се надева дека ќе биде успешен и тендерот за набавка на јаглен за потребите на третиот блок на РЕК „Битола“, кој, според неговите проценки, би почнал со работа за три до четири недели. Доколку тендерот за третиот блок на РЕК „Битола“ не биде успешен, тогаш Бектеши најави уште еден состанок на Комисијата и додаде дека и АД ЕСМ има право да купи струја од странство.

    Кризна состојба во делот на енергиката прогласува Владата на предлог на Комисијата за електроенергетска кризна состојба, со која раководи министерот за економија.

    Комисијата за електроенергетска кризна состојба е составена од пет члена експерти, претставник од најголемиот производител на електрична енергија – АД ЕСМ, носителите на лиценца за производство на електрична енергија, за пренос – МЕПСО, за дистрибуција – ЕВН, Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за економија.

    Додека Владата смирува, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ очени дека состојбата е алармантна, а вината за тоа вели е во лошото менаџирање.

    „Се обидуваат да фингираат, состојба е алармантна многу скоро со почеток на грејната сезона, сектор ќе биде преоптоварен и многу скоро ќе се вратиме 40 50 години назад со недостиг на струја и кога се воведуваа рестрикции…“ изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

    Поради недостигот на струја, МЕПСО јавно кажа дека влече електрична енергија од меѓународните мрежи, за што веќе има 4 опомени и огромен долг. Владата иако вчера се огради, сепак на денешната седница официјално ќе одлучува за евентуална финансиска помош за МЕПСО.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ