сабота, октомври 5, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Ако потпишеме договор со Србија, ќе набавиме гас по најмалку три – четири пати пониски од берзанските

    Ако се потпише договор со Србија, ќе набавиме гас по најмалку три до четири пати пониски цени од берзанските, рече вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

    Во гостувањето на Топ Тема објасни дека земјава преговара со „Србија гас“, а не со „Газпром“. Договорот за снабдување со природен гас го има српската страна и како тоа технички ќе се спроведе е нивна работа. Работа на нашата држава е да овозможи законски и технички услови, соодветни прописи и регулативи.

    Според министерот, сега не се зборува за количини и за обезбедување суровини, туку за цена, за тоа колку ќе ги чини граѓаните снабдувањето со природен гас.

    Тој објасни и зошто Бугарија не склучува договор со Србија за набавка на природен гас.

    -Бугарија може да и даде електрична енергија на Србија, но ние зборуваме за количини. Бугарија троши милијарди нормални метри кубни годишно природен гас, а ние околу 300 милиони. Србија нема толку природен гас колку што троши Бугарија. Затоа Бугарија не прави договор со Србија. Истото важи и за Грција, рече министерот.

    Бектеши порача дека и приватните компании имаат обврска да бидат општествено одговорни, посебно енергетските, зашто приходите и профитите ги прават тука, во Северна Македонија.

    -Не е време за воено профитерство. Во државава има прописи и закони и точно се знае какви одлуки може да донесат Владата и Собранието. Компаниите, посебно во енергетиката, треба да работат согласно прописите на државата, а ние треба да го изнајдеме најдоброто решение за граѓаните и стопанството, тоа е наша обврска, а уцени нема, истакна Бектеши.

    Во врска со цената на мазутот, министерот рече дека е регулирана од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

    -Ако цената е повисока од таа што е регулирана, јавно го повикувам Обвинителството да направи контроли во ЕСМ, нагласи министерот.

    На прашањето по која цена „Пуцко петрол“ превезува мазут, рече дека за ова одговор треба да се побара во ЕСМ.

    Бектеши рече и дека парно ќе има, нема да биде на мазут, туку на гас и ќе биде евтино. Земјава ќе ја одбере најприфатливата понуда од актуелните четири – пет.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ