четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    АД ЕСМ ја повика топланата „Скопје Север“ да го потпише договорот за деловно-техничка соработка

    Топланата „Скопје Север“ АД треба да го потпише со АД ЕСМ договорот за деловно-техничка соработка за да може да и се испорачува топлинска енергија. ЕСМ законски не може да ја субвенционира цената за топлинска енергија како што побарала топланата.

    Премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање рече дека топланата добила помош од државата преку ЕСМ, врз основа на комерцијален договор и дека делови од него се уште не се реализирани.

    -Се работи за договор и  ЕСМ не може да дава помош на кого било затоа што се работи за акционерско друштво во државна сопственост. Тие може да склучуваат или договор за деловно-техничка соработка, каде што точно се наведуваат обврските и одговорностите на двете договорни страни, во овој случај на ЕСМ и на Топлана Север, или може да се пристапи како што се пристапи во случајот на БЕГ, со преземање на управувањето, врз одредби од Законот за енергетика  и на други поврзани закони и согласно одлуки на Регулаторната комисија за енергетика за преземање со управувањето на компанијата и испорачување на топлинска енергија, рече Ковачевски.

    Доколку раководствата на топланата „Скопје Север“ и ЕСМ успеат да постигнат договор врз основа на порамнување за она што не било реализирано во текот на изминатиот период и доколку постигнат договор за она што треба да се прави во идниот период, тогаш ЕСМ, рече премиерот, ќе може да испорача тоа што би било нивна обврска во евентуален таков договор за деловно-техничка соработка.

    -Доколку не, тогаш ќе мора да продолжат да разговараат на ниво на раководство на ЕСМ и на раководство на топлана Север со цел да се дојде до заеднички прифатливо решение во интерес на граѓаните, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање на настан по повод реализацијата на проектот на АД МЕПСО за модернизација на телекомуникациската опрема.

    Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски појасни дека во јануари, во претходната грејна сезона, склучиле договор за деловно-техничка соработка со трите компании БЕГ и со компанијата „Скопје Север“ АД со кои го презеле управувањето со цел да испорачаат ресурс за топланите односно природен гас.

    -И кога овие деловни субјекти ќе ги наплатат средствата, да ги вратат, но не подолго  од поднесувањето на завршната сметка за 2022 година, а тоа е март 2023. Деловите од договорот се согласно претходниот договор што го имаме за доверливост, остануваат помеѓу двете компании. Трите компании БЕГ во целост ги испочитуваа сите елементи од договорот. „Скопје Север“ АД поголем дел од обврските согласно тој договор се уште не ги има испочитувано. Иако претходно имаше друг управител, сега има нов, меѓутоа сопственикот е еден и единствен, тоа е Топлификација АД во стечај. Јас очекувам до крајот на годината, заклучно со 31 декември, да се испочитуваат обврските од претходниот договор, а притоа понудивме и нов договор за  деловно-техничка соработка, ист како и претходната година, кој тогаш беше потпишан од „Скопје Север“ АД. Договорот е поминат како одлука на Влада и има задолженија и до АД ЕСМ и до Топлана Север  тој да се потпише за периодот од октомври до април. „Скопје Север“ АД тој договор не сака да го потпише. Ни предложија друг договор со кој бараат субвенционирање на цената, а тоа да го направи АД ЕСМ. Ниту по закон, ниту по правила,  ниту по регулирана дејност, АД ЕСМ тоа не може да го направи, истакна директорот на АД ЕСМ.

    Затоа јавно,  рече, уште еднаш испраќа порака до „Скопје Север“ АД да пристапи кон одлуката на Владата и да се потпише тој договор за деловно-техничка  соработка, со цел да се обезбеди континуирано и непречено греење за граѓаните кои користат топлинска енергија од таа топлана.

    -Притоа треба да се земе предвид и информацијата што ја добивме од РКЕ  дека „Скопје Север“ АД нема лиценца за работа во оваа дејност за територијата за која испорачува топлинска енергија, додаде Ковачевски.

    Тој повика топланата да ги среди сите формално-правни работи, прво со РКЕ, а потоа да го  потпише договорот, и ЕСМ ќе додели дел од средствата од наменската сметка со пари што ги има дадено Владата за справување со топлинската криза, и ќе се испорача топлинска енергија  за „Скопје Север“ АД.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ