сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Повисоки цени за малите потрошувачи кои користат повеќе струја, најавува Ковачевски

    За тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија, ќе има тарифни модели за да платат повеќе, вели премиерот,  посочувајќи дека еден процент од потрошувачите користат 20 отсто од електричната енергија за домаќинствата

     

    Еден отсто од малите потрошувачи и домаќинствата користат 20 отсто од електричната енергија. Се разгледуваат можности, а Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе одлука, тие да плаќаат струја по повисока цена, бидејќи домаќинство што користи толку струја не троши само за домашни потреби, најави премиерот Димитар Ковачевски, во гостување на ТВ 24. Објасни дека цената за електрична енергија што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи е субвенционирана од државата.

    „За тие што плаќаат по субвенционирана цена, а остваруваат одреден профит со таа енергија, ќе има тарифни модели за да платат повеќе. На сметка на тоа, други ќе платат помалку“, вели премиерот и посочува дека надлежните треба да излезат и да кажат за што се користи таа енергија од тие еден отсто кои трошат многу повеќе од другите.

    Премиерот истакна дека ова е најголемата криза што ја зафатила Европа по Втората светска војна и оти никој не може да предвиди до каде ќе оди.

    „Цената на нафтата во последните пет дена расте по 100 долари дневно. Ние сме земја што 100 отсто увезува нафта и нафтени деривати и очекувам дека цената ќе продолжи да расте“, рече Ковачевски, објаснувајќи дека буџетот ги предвидува сите давачки и задолжувања и оти сите дополнителни трошења сега се во рамки на предвидениот план.

    Повтори дека имаме доволни резерви нафта.

    „Имаме резерви на нафта согласно нашите потреби, ние можеме да ја купиме цела нафта на светот, но мораме да ја складираме некаде. Производителите на нафта низ целиот свет плаќаа за чување на нафтата низ секакви складови. Цената на нафтата која ја имаме во резерва е со пониска цена, но количините се ограничени и тие што можете да ги купите и тие што може да ги складирате“, рече Ковачевски.

    Со диверзификацијата на изворите на гас, смета премиерот, ќе дојде до намалување на неговата цена.

    „Северна Македонија веќе донесе одлука за влегување во проектот ‘Александрополи’, што е терминал за течен гас. На тој начин ќе имаме диверзификација на изворот на гас, со што ќе се намали цената. Преку тој терминал ќе се задоволат 100 отсто од потребите за гас кои Северна Македонија ги користи. Освен тоа, во Енергетската стратегија има и изградба на ветерни паркови и фотоволтаични централи, за што се отворени проекти од приватни инвеститори, како и државни инвестиции на старите наоѓалишта во Осломеј, каде што веќе е изградена фотоволтаична централа“, рече Ковачевски.Информираше и дека е во план и изградба на гасна централа, за што ќе се собираат понуди од странски инвеститори, а се разгледуваат и можносите за трансформација на постојните термоелектрани во гасни електрани.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ