петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Руско-украинската криза може да влијае на цената на струјата

    Не очекувам рестрикции во делот снабдувањето со електрична енергија, посебно за домаќинствата, но и за стопанството. Но кризата би можела да влијае на цените на електрична енергија, имајќи предвид дека само денеска имаше сериозно зголемување на цената на берзите, вели министерот за економија

     

    Министерот за економија Крешник Бектеши не верува дека руско-украинската криза ќе влијае на енергетската состојба во земјава, особено во делот на рестрикции, иако смета дека е можно да влијае на цената на електричната енергија.

    „Не верувам дека ќе имаме некој си проблем и не очекувам да има рестрикции во делот на сигурно и континуирано снабдување со електрична енергија, посебно за домаќинствата, но и за стопанството. За жал, кризата би можела на цените на електрична енергија, имајќи предвид дека само денеска имаше сериозно зголемување на цената на берзите во споредба со претходните денови“, рече Бектеши.

    Министерот за економија потенцираше дека земјава веќе го намали увозот на електрична енергија за потребите на домаќинствата и универзалниот снабдувач.

    „Планот и проекциите и од страна на ЕСМ, но и од другите енергетски компании, е дека нема да имаме голема потреба од увоз на електрична енергија во следните месеци, па затоа и не верувам дека би имало големо влијание во конечната цена. Во моментот е обезбеден делот на гасот за потребите на ТЕ-ТО и за потребите на топланите кои произведуваат топлинска енергија. До крајот на овој месец е одредена и цената“, потенцира Бектеши.

    Посочи дека цената што ја плаќаат граѓаните за сметките е одредена за целата година во делот на топлинската енергија, а во делот на електричната енергија Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да донесе дополнителна одлука кон крајот на јуни.

    „Верувам дека нема да има дополнителна одлука од РКЕ во делот на цената на електрична енергија и во делот на топлинската енергија. Будно ја следиме ситуацијата и во Украина, но секако и движењата на пазарот тука во регионот и во ЕУ, со оглед на тоа што сме поврзани со берзата на ХУПЕКС. Но, преку нашите домашни капацитети, секако дека ќе интервенираме, се со цел тоа да не биде на грб на граѓаните, објасни Бектеши.

    Најави дека веќе наредната недела се очекува да се донесе правилник со кој сите домаќинства и целата индустрија во нашата држава ќе имаат можност да инсталираат соларни панели на нивните покриви, а универзалниот снабдувач ќе биде обврзан да го откупи вишокот на произведена електрична енергија од страна на домаќинствата и индустријата по цената со која се продава струјата на домаќинствата.

    „Ја повикувам локалната самоуправа да ги плаќаат сметките за електрична и топлинска енергија, како што треба да направат и другите институции, а воедно и да направат инвестиции во делот на обновливи извори на енергија и да вградат и тие фотоволтаици, бидејќи тие мерки се во корист и на граѓаните и на локалната самоуправа, а секако и на стопанството во целина“, потенцира Бектеши.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ