сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Македонското „зелено финансирање“ меѓу десет најдобри финансиски инструменти во светот

    Од Владата информираат дека заедничката програма за воспоставување Инструмент за зелено финансирање од Северна Македонија е избрана како една од десетте најдобри според глобалниот Заеднички фонд за целите за одржлив развој

     

    Заедничката програма за воспоставување Инструмент за зелено финансирање (GFF) од Северна Македонија е избрана како една од десетте најдобри програми според глобалниот Заеднички фонд за целите за одржлив развој (ЦОР) меѓу голем број проекти од над 100 земји во светот.

    Изборот, како што информираат од Владата, е врз основа на нејзиниот потенцијал за постигнување значајни одржливи резултати, мобилизација на значително ко-финансирање од повеќе извори и ниво на подготвеност за реализација.

    „Со финансиска поддршка од Заедничкиот фонд за ЦОР, оваа програма ќе создаде нов финансиски инструмент што ќе обезбеди пристап до поевтино финансирање за мали и средни претпријатија, како и за физички лица и домаќинства (вклучително и кредитоспособни лица од недоволно опфатени социјални групи) за инвестиции во обновливи извори на енергија и во решенија за енергетска ефикасност. Со овие инвестиции, Инструментот за зелено финансирање (ИЗФ) директно ќе придонесе за намалување на стакленичките гасови, загадувањето на воздухот и за зајакнување на локалните еко-системи за зелени фондови за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност“, истакнуваат од владината прес-служба.

    Со обезбедените 7,9 милион долари од Заедничкиот фонд за ЦОР, нагласуваат, се започнува воспоставувањето на програмата со вкупна вредност од 46,5 милиони долари, вклучувајќи го и очекуваното кофинансирање од повеќе партнери (кое е во фаза на финално одобрување).

    Од Владата велат дека зелената транзицијата, преку зголемено производство на енергија од обновливи извори (особено соларна енергија) и воведување на енергетска ефикасност во згради и домови, е една од клучните стратешки цели.

    Инструментот за зелено финансирање се очекува да обезбеди зголемен пристап до средства за инвестиции во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност кај малите и средните претпријатија и кај домаќинствата. Со воведување на овој инструмент се очекува да се постигнат заштеди во висина од 70 068 мегават-часови на годишно ниво, избегнување на 80 510 тони CO2- емисии, како и 10,7 мегавати во нов производствен капацитет од обновливи извори на енергетика.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ