сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Украинската криза и можните последици по снабдувањето со гас во Европа

    ЕЦБ предупредува  на можен шок во случај на прекин во снабдувањето со гас, што би предизвикало пад на вредноста на стоките и услугите произведени во еврозоната; „Волстрит џурнал“ објави дека Американскиот извоз на течен природен гас во Европа се зголеми поради ескалацијата на кризата во Украина; Борел изјави дека „Северен тек 2“ нема да почне со работа во случај на воена агресија  на Русија

     

    Евентуален прекин на снабдување со гас би предизвикал шок, што ќе ги намали вредностите на стоките и услугите произведени во еврозоната, предупреди денеска Европската централна банка (ЕЦБ).

    Цените на енергијата достигнаа рекордно ниво, поради стравови од евентуален руски напад врз Украина, што би довел до прекин на снабдувањето на Европа со руски енергенси, откако Западот ѝ се закани на Москва со санкции. Се стравува дека тие санкции може да ги опфатат и нафтата и гасот.

    Русија ги негира тврдењата дека подготвува инвазија врз Украина.

    Високите цени на енергијата ќе го намалат БДП на еврозоната за околу 0,2 отсто годинава во однос на неутрално сценарио. Најголемо влијание се очекува во првите три месеци, процени ЕЦБ во денешниот напис, објавен во Економскиот билтен.

    Над 90 отсто гас, што еврозоната го троши, доаѓа од увоз, што значи дека притисокот врз економијата ќе се засили, доколку остане без дел од увезениот гас, предупреди ЕЦБ.

    Се проценува дека бруто додадената вредност на еврозоната се намалила за 0.7 отсто, поради директни и индиректни последици од шокот, што во корпоративниот сектор би предизвикал хипотетска 10-процентна рационализација на потрошувачката на гас.

    Вистинскиот пад може да биде уште поголем, со оглед на тоа што во калкулациите не е вклучен ефектот од променетата цена на енергија, нагласуваат од банката. Во такво сценарио, најтешки последици би претрпеле Австрија и Словачка, а меѓу индустриските сектори, веројатно најмногу би бил погоден секторот на основни метали, оценува ЕЦБ.

    Американскиот извоз на течен природен гас во Европа се зголеми поради ескалацијата на кризата во Украина, објави „Волстрит џурнал“.

    Како што пишува весникот, растот на производството на нафта и гас во САД се претворил во геополитички и економски актив за земјата, што може да ги измести руските конкуренти од европскиот пазар.

    „Додека индустријата за нафта и гас продолжува да закрепнува од пандемискиот колапс на цените во пролетта 2020 година, САД повторно се најголемиот светски производител на нафта – скоро 20% над своите два конкуренти – Саудиска Арабија и Русија – и најголемиот светски производител на природен гас“, пишува „Волстрит џурнал“.

    Успехот на американската нафтена индустрија авторот директно го поврзува со ескалацијата на кризата во Украина.

    „Денес нема сомнеж за геополитичкото значење на новата позиција на Америка во областа на нафтата и гасот. Кризата во Украина и енергетската криза во Европа го обликуваат глобалното влијание на американското производство на нафта и гас“, пишува „Волстрит џурнал“.

    Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека ЕУ е подготвена да почне дијалог со Русија за безбедноста.

    Тој, исто така, изјави дека „Северен тек 2“ нема да почне со работа во случај на воен конфликт меѓу двете земји.

    Ова не значи дека „Северен тек-2“ засекогаш ќе биде запрен, но во случај на војна меѓу Русија и Украина – тоа ќе се направи дефинитивно.

    „Ова нема да важи само за „Северен тек-2“, туку и за сите испораки на гас од Русија“, рече Борел , додавајќи дека во вакво сценарио Европа ќе мора да се подготви за повисоки цени на бензинот.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ