На денешниот состанок, Заедницата на единиците на локалната самоуправа едногласно усвои заклучок со кој ќе побараат итен состанок со Владата, со цел изнаоѓање решение за проблемите предизвикани од енергетската криза
Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) бара по итно да се одржи состанок со Владата поради проблемите предизвикани од енергетската криза.
На денешната седница, ЗЕЛС едногласно го усвои заклучокот со кој ќе побараат итен состанок со Владата, со цел изнаоѓање решение за проблемите предизвикани од енергетската криза, како високите сметки за електрична енергија во општините.
ЗЕЛС бара навремена реакција од Владата за надминување на оваа состојба, потенцирајќи дека доколку тоа не се случи набрзо, ќе се доведе во прашање функционирањето на општините, но и јавните претпријатија и образовните институции.
„Станува збор за голем проблем и градоначалниците веќе подолг период алармираат поради повеќекратно зголемување на сметките за електрична енергија, а во некои општини и за повеќе до 500 проценти во однос на тие пред почетокот на кризата“,информираат од ЗЕЛС.
Оттаму бараат средбата да се реализира помеѓу членовите на управниот одбор на ЗЕЛС, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и претставници на ресорите кои се директно поврзани со справување со последиците од енергетската криза.