петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Анѓушев: Повеќе нема да видиме цени на струјата под 80 евра

    Во интервју за МИА, поранешниот вицепремиер вели дека четири фактори  генерираат цената на електричната енергија: Цените на природниот гас, зелените сертификати кои пораснаа драстично, намалената издашности на обновливите извори на енергија и раелната инфлација. Според него, земјава треба да обезбеди сопствено производство на струја, од тоа што го има како извори

     

    Цената на електричната енергија на берзите долгорочно ќе се стабилизира од 80 до 120 евра за мегават час, но мислам дека цела 2022 година нема да ја поминеме со помал просек од 150 евра. Можеби цената малку ќе се стабилизира во 2023 година и ќе падне до 120 или 130 евра, но повеќе нема да видиме цени под 80 евра по мегават час, оценува поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓуше,в во интервју за МИА.

    „Ова што го имаме денеска сите го викаат енергетска криза, а јас го викам финансиска криза, бидејќи енергетска криза би било доколку некој во Европа нема електрична енергија. Како што гледаме, никој не се жали дека нема електрична енергија, сите имаат електрична енергија, што значи дека кризата не е дека нема енергија, туку  дека енергијата е скапа“, вели Анѓушев.

    Тој посочува на четири фактори што, според него, ја генерираат цената на електричната енергија:

    „Најголем фактор е цената на природниот гас. Во суштина кризава е европска и не е светска, а главните количини на гас во Европа доаѓаат од Русија, еден мал дел од Норвешка – значи Северното Море, некои мали производства имаат одредени држави и еден дел од Африка, од Алжир, но тоа е за јужниот дел, да речеме Шпанија итн. Доминантно гасот доаѓа од Русија и може да се купи на два начина. Едниот е по формула врзана со цената на нафтата, а вториот на спот маркет. Европа реши да купува гас на спот маркет, но, за жал, европската економија малку поспоро се движеше и закрепнуваше, а се случи Кина и азиските земји драстично да го зголемат конзумот на гас од две причини. Прво, Кина реши да ги затвора термоелектраните на јаглен и да преминува на производство на електрична енергија од гас, а и нивната економија побрзо се опорави по ковид-кризата и ги зголеми количините на гас што ги троши директно во индустријата. На тој начин се случи еден добар дел од рускиот гас да отиде на тие пазари. Кога побарувачката расте, а гасот е сепак со лимитирани количини на производство, се разбира цената расте. Тука има и геополитички проблеми околу ‘Северниот тек 2’ итн. Меѓутоа, кратко речено, големата потрошувачка на гас во Кина направи големи количини на гас да отидат таму и тоа ја зголеми цената на гасот во Европа и во европските земји таа достигна рекордни нивоа. И ако земете дека добар дел од електричната енергија се произведува на гас, во тој случај тоа ја генерира или ја бутка цената на електричната енергија нагоре“, оценува Анѓушев за МИА.

    Втора причина, вели, се зелените сертификати кои пораснаа драстично и од некои дваесетина евра тие отидоа до 60, 70 евра. Тие, нагласува, директно влијаат на цената на електричната енергија, но тоа е политиката за премин или енергетска транзиција од загадувачки индустрии или загадувачки облици на производство на електрична енергија кон обновливи извори.

    „Трета компонента е намалената издашности на обновливите извори на енергија. Европа во голем дел се потпре на обновливи извори, еден најголем дел можеби на ветерните електрани во северните мориња, меѓутоа се погоди период да нема премногу ветер. Обновливите извори по сите карактеристики се еколошки добри, меѓутоа, од друга страна, пак, тие даваат електрична енергија само кога природата тоа го дава – фотоволтаиците кога има сонце, ветерните електрани кога има ветер, хидроелектраните кога има вода. Се погоди период сите тие извори да бидат намалени во споредба со некакви просеци од минатите години. Тоа е третиот фактор што ја генерираше цената на струјата, бидејќи имаше помала понуда од тие извори. И нормално, кога има помала понуда цената расте’, вели Анѓушев.

    И четврта, според него, е компонентата на реалната инфлација. Во светот, вели, се испечатија многу пари. Тие пари направија зголемување на основните цени на ресурсите, бидејќи тоа е еден затворен круг.

    „Да речеме, пораснаа металите 100 отсто. Сите резервни делови во хидро, термо електрани или какви било постројки се прават од метал, што значи дека и деловите поскапеа, нивната инвестиција поскапе, нивното одржување поскапе. Понатаму, инфлацијата направи да има покачување на платите. Тоа направи поскапување на работната рака и сето тоа направи една генерација на инфлација која што ние не можеме да кажеме дека не постои. Таа постои. Таа постои секаде во светот, а изворот на таа инфлација е точно кризата која што веќе ја живееме две години, а не знаеме ни до кога ќе заврши. Значи, инфлацијата е компонента која што влијае на цената на струјата, веројатно најмалку во моментот, но и таа влијае. И кога ќе земете збир од сите овие четири компоненти тоа е практично вкупното зголемување на цената на електричната енергија“, објаснува Анѓушев.

    На прашање дали со енергетската криза полесно се справуваат земјите што имаат сопствено производство на електрична енергија и што треба нашава земја да направи, Анѓушев вели дека треба да направи сопствено производство од тоа што го има како извори.

    „Во светот енергија се прави од неколку извори. Можете да правите од нуклеарна енергија, тоа не можеме да го направиме, за жал. Можете да го направите од термоелектрани на јаглен. Ние јаглен повеќе немаме, а и да имаме викаме загадува и не го сакаме. Можете да направите од гас, но еве кога го правите од гас цената расте драстично. Мазутот не би сакал да го дискутирам воопшто, зашто е најштетен од сите овие. Тоа се конвенционалните начини и оние што се обновливи извори – хидроенергија, ветер, вода, сонце и биомаса и биогас. Значи, ние имаме само она што ни го дала природата – фотоволтаици, хидроелектрани против кои има кампања, понатаму ветерници, колку што можеме. Меѓутоа, мораме да знаеме дека обновливите извори произведуваат поскапа енергија од конвенционалните извори, зборувам за јаглен и за нуклеарни и дека тоа си има своја цена. Ама сепак е подобро да имате сопствено производство отколку сто отсто да зависите, како во моментов“, оценува Анѓушев.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ