петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Што планира идниот премиер за обезбедување енергетска стабилност

    ТЕЦ „Неготино“ ќе биде дел од ЕСМ и во најкус рок ќе биде прилагодена да работи на природен гас, ќе започне отворање на рудникот „Живојно“, главни двигатели на  енергетската транзиција покрај изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ ќе бидат и фотонапонските и ветерните електрани, најавува мандатарот Ковачевски во програмата за работа на новата влада

     

    Во 2022 година прв и основен приоритет ќе претставува националниот одговор на енерегетската криза. Конечно мора да превземеме суштински, долгорочни и стратешки мерки за да ја спроведеме енергетската транзиција. За тоа да се случи имаме план, кој ќе го комуницираме и разработиме со домашната и со меѓународната експертска јавност, најавува мандатарот за состав на новата влада, Димитар Ковачевски во предлог-програмата за работа што ја достави во Собранието, пред седницата за избор на неговиот кабинет, што ќе се одржи за време на викендот. 

    Краткорочните мерки за намалување на негативните ефекти се подготвени, но нашата цел е да започнеме енергетска транзиција која ќе овозможи Северна Македонија да ја стекне својата енергетска самостојност и независност базирана на обновливи извори на енергија, со зелена, достапна за сите и ценовно ефективна енергија. Убедени сме дека за тоа имаме капацитет и знаење, идентично како што имаме цврста волја тоа да го спроведеме и да успееме“, нагласува Ковачевски. 

    Во неговата програма се наведува дека долгиот период, без нови и конкретни енергетски инвестиции, а со многу ветувања за нови енергетски инфраструктурни проекти, придонесе во екот на европската енергетска криза со електрична енергија и со природниот гас, Северна Македонија, како увозно зависна земја од енергенси, да се најде во незавидна состојба, а тоа е голем предизвик и огромен поттик за Владата уште поенергично и посериозно да се посвети на инвестиции во енергетскиот сектор.

    „Овој момент мора да се искористи за сериозна енергетска транзиција и промена на
    енергетската структура на државата. Конкретно, Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси, одржливост на енергетскиот систем и ќе биде ценовно прифатлива за сите граѓани и економски субјекти.
    Фокусот на обновловите извори на енергија и ефикаснoто искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска транзиција“, се наведува во програмата.

    Потоа, се посочува дека , следејќи ги добрите политики и практики на Европската Унија, визијата на Владата во следниот период е развој на сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата. Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку АД ЕСМ, базирани на обновливи извори на енергија, но и преку моделот на јавно приватно партнерство и Законот за стратешки инвестициони проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност  на Северна Македонија.
    Според најавите на мандатарот, АД ТЕЦ „Неготино“ ќе биде дел од АД ЕСМ и во најкус рок ќе биде трансформиран и прилагоден да работи на природен гас.

    • Во овој мандат на Владата, ќе започне отворање на рудникот „Живојно“, со цел обезбедување на домашни количини на јаглен за стабилно производство на електрична  енергија во РЕК Битола на среден рок.
    • АД ЕСМ ќе ја спроведе третата фаза од ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани.
    • Врз основа на изработените технички студии со поддршка на EBRD и KfW ќе се
      изградат нови 160 MW на фотонапонски електрани во РЕК „Битола“ и дополнителни 10 MW на фотонапонска електрана во РЕК „Осломеј“.
    • Започната е и изградбата на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола и Новаци, а дополнително АД ЕСМ ќе започне со проектирање на нова когенеративна
      гасна електрана со капацитет од 250 MW, која ќе произведува топлинска и електрична енергија во РЕК „Битола“.
    • Ќе продолжи втората фаза од тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на ХЕЦ „Чебрен“, во која учествуваат дел од најголемите енергетски компании од Европа и светот. До крајот на 2022 година очекуваме да се потпише договорот за концесија со приватниот инвеститор за изградба на ХЕЦ „Чебрен“.
    • Главни двигатели на македонската енергетска транзиција покрај изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ ќе бидат и фотонапонските електрани и ветерните електрани.
    • До крајот на 2022 година, очекуваме да бидат пуштени во употреба 60 MW на фотонапонски електрани по моделот на премиум тарифи, како и двете фотонапонски електрани со вкупен капацитет од 100 MW кои ќе се градат по моделот на јавно приватно партнерство со АД ЕСМ во РЕК „ОсломејЕ. Само со овие два проекта и со веќе изградената фотонапонска електрана со инсталиран
      капацитет од 10 MW во Осломеј, за десетпати е зголемен вкупниот изграден капацитет на фотонапонски електрани во изминатите 15 години.

    Во програмата се наведува дека во првите три месеци од 2022 година: 

    • Ќе бидат потпишани и новите договори за изградба на фотонапонски електрани со премиум тарифи, за вкупно 80 MW кои ќе бидат изградени до крајот на
      мандатот на оваа Влада.
    • Ќе биде објавен и нов тендер за изградба на фотонапонски електрани со премиум тарифи за најмалку 70 MW кои, исто така, ќе бидат изградени до крајот на мандатот на оваа Влада. Вкупно, преку премиум тарифите, ќе се реализираат инвестиции во фотонапонски електрани со капацитет од 200 MW.

    До Собранието ќе бидат доставени неколку закони за реализација на стратешките инвестиции за големи инфраструктурни енергетски проекти со предвидени инвестиции над една милјарда евра, и тоа:
    Еден од најголемите ветерни паркови во регионот „Вирови“, со инсталиран
    капацитет од 414 MW на територијата на општините Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце со планирана инвестиција од над 500 милиони евра од страна на германската компанија WPD „Europe“.

    Сончев парк „Стипион“ на територијата на општина Штип, со инсталиран капацитет од околу 360 MW и предвидена инвестиција од околу 270 милиони евра од страна на француската компанија АКУО „Енерџи“.

    Сончев парк „Ерџелија“, со инсталиран капацитет од 85 MW со предвидена инвестиција од околу 55 милиони евра од британската компанија ЕФТ.

    Сончевите паркови во Долни Балван, Штип и Пехчево со инсталиран капацитет од над 450 МW и предвидена инвестиција од над 300 милиони евра.

    „Во услови на енергетска криза, но пред се во релација со енергетската транзиција, на граѓаните и компаниите ќе им бидат овозможени, олеснети и либерализирани услови за инсталирање на фотонапонски електрани на своите кровови, со цел задоволување на сопствените потреби на електрична енергија, а вишоците да можат да ги продаваат по подобри услови од сегашните. Ќе се укине ограничувањето по инсталиран капацитет и за домаќинствата и за индустриските потрошувачи. Во првите три месеци од мандатот на оваа Влада ќе биде предложен нов посебен закон за изградба на фотонапонски електрани со кој ќе се решат проблемите со досегашните административни процедури“, стои во програмата за работа на новата влада. 

    До крајот на мандатот на оваа влада, како што се наведува, ќе заврши изградбата на 400 kV интерконективниот далекувод  Битола Елбасан и 400 kV трафостаница во Охрид.

    • Во однос на гасификацијата, остануваат уште 10 км од изградбата на магистралниот гасовод Скопје Тетово Гостивар, кои ќе бидат завршени во 2022 година, а за само три години, откако, започнувајќи од 2018 година беа изградени 186 км од магистралниот гасовод. Изградбата на гасоводот ќе продолжи и до Кичево, Дебар, Охрид и Струга.
    • До крајот на 2022 година ќе се избере и приватен инвеститор кој по пат на јавно приватно партнерство ќе ја развива дистрибутивната мрежа за природен гас во
      македонските општини.
    • Ќе продолжи големиот проект за диверзификација на изворите со природен гас, со кој покрајрускиот гас го правиме достапен и азербејџанскиот гас преку изградба на интерконективниот гасовод со Грција и поврзување со Трансјадранскиот гасовод ТАП.

    „ Исклучително е значаен за енергетската одржливост и имплеменетацијата на достапноста на LNG кој може да се обезбеди од САД, Катар, Алжир и други земји преку учеството во регионалниот проект за изградба на LNG терминалот во Александропули и користењето електрична енергија од гасната електрана во Александропули. Рокот за имплементација на овој меѓународно стартешки проект е 2024 година. Овие проекти ќе овозможат поевтини енергенси на македонската индустрија, со цел зголемување
    на конкурентноста на македонската економија“, е нагласено во програмата.

    Како што се наведува понатаму, продолжува и директната поддршка за граѓаните, преку програмите на Министерството за економија, со обезбедување на субвенции за поставување соларни термални системи, фотонапонски системи на кров, купување на печки на пелети, замена на стари прозорци и врати сонови (ПВЦ или алуминиумски), како и обезбедување дополнителни финансиски средства за ранливите категории.
    Ќе се формира и фонд за енергетска ефикасност, во рамките на Развојната банка на Северна Македонија, преку обезбедување на грант финансиски средства од Светска банка, со цел поддршка на спроведување на мерките на енергетска ефикасност во јавни згради и установи на целата територија на земјата. 

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ