четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Владата ќе ја субвенционира цената на топлинската енергија со цел граѓаните на Скопје да не плаќаат повисоки сметки

    Владата предлага да ја субвенционира цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје во висина од 80 отсто, а останатите 20 проценти да ги покријат Градот и скопските општини, со што трошоците за топлинска енергија на домаќинствата ќе останат непроменети, информира денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.

    Министерот Бектеши информираше дека разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија, Владата во име на потрошувачите кои се корисници на топлинска енергија, односно домаќинствата и јавните институции средствата ќе ги уплати на БЕГ, а БЕГ ќе ги намали сметките на потрошувачите.

    „Односно потрошувачите нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија“, кажа министерот, и го повика Градот Скопје и општините во склоп на Градот Скопје во рамки на своите Буџети да се вклучат во поддршка на домаќинствата и институциите, корисници на топлинска енергија со цел да се ублажи притисокот од ликвидноста што ја имаат компаниите кои што снабдуваат со топлинска енергија во Скопје.

    Воедно, тој нагласи дека помошта на Владата ќе важи за цела година во делот на разликата од актуелната до цената што ќе ја одреди РКЕ.

    „Поддршката ќе важи за сите домаќинства во рамки на Град Скопје, кои што ја користат топловодната мрежа, вклучувајќи ги ЕСМ, Скопје-Север и БЕГ. Што се однесува на проекциите, Владата ќе изводи приближно пет милиони евра, а Град Скопје и општините ќе треба да платат милион евра за цела година“ рече министерот Бектеши.

    Претседателот на РКЕ, Бислимоски истакна дека со овој предлог се решава проблемот со набавка на гас.

    „По повиците на РКЕ, а во координација со Владата, најдено е решение за сигурна и стабилна испорака на топлинска енергија. Во неколку наврати кажав дека сите страни мора да се солидаризираат и секој да помогне во рамките на својата надлежност. Граѓаните не можат и нема да го понесат товарот од енергетската криза“, кажа Бислимоски.

    Според него, доколку се прифати предлогот ќе биде донесена нова одлука за цената на топлинска енергија.

    „Разликата од актуелната до реалната цена ќе биде покриена од страна на Владата во име на граѓаните со цел да се заштитат потрошувачите и да се амортизира ценовниот шок. На овој начин ќе се помогне директно на компаниите да набават гас, односно на ТЕ-ТО во име на БЕГ“, кажа Бислимоски.

    Бислимовски беше прашан и за тоа дали ќе има ново покачување на цената на топлинска енергија, при што одговори дека РКЕ во декември донесе нови цени за топлинската енергија во градот Скопје со што тие се зголемија за 14 проценти.

    „Со промена на цената на топлинската енергија во иднина трошоците на граѓаните за парно во градот Скопје ќе останат непроменети, од причина што разликата на зголемениот трошок до трошокот за јануарската сметка ќе биде покриен од страна на Владата на Република Северна Македонија“, изјави Бислимоски.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ