Како одговор на енергетската криза, компанијата испраќа и дел од вработените на принуден одмор во траење од три месеци
Стопирани се спонзорствата, репрезентациите и службените патувања, кои не се строго поврзани со производството на електрична енергија. Сведена е на неопходниот минимум исплатата на прекувремени работни часови, додека законската дневница за патување се исплаќа во половина износ..
АД ЕСМ воведе мерки на штедење со цел намалување на трошоците во услови на енергетска криза. Мерките, како што велат од компанијата, се насочени кон намалување на непродуктивните трошоци и реализација на производниот процес со вложување што помалку материјални и човечки ресурси.
„Од тие причини, во тек е постапка за утврдување на работни места кои не се неопходни за производството на електрична енергија во одреден временски период. Извршителите на утврдените работни места ќе бидат упатени на принуден одмор не подолг од три месеци, согласно Законот за работни односи, со исплата на 70 отсто од платата“, информираат од АД ЕСМ.
Како што посочуваат, намалени или целосно запрени се и сите други трошоци. Запрена е набавката на возила, освен она што е потребно за производниот процес, додека употребата на патнички возила е целосно и строго рационализирана, потенцираат од АД ЕСМ.