четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Обезбедена е финансиска рамка за гасоводот кон Грција

    Mинистерот за финансии потпиша Договор за гаранција со ЕИБ. Паралелно, е потпишан и финансиски договор меѓу НЕР и ЕИБ, а вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 57,8 милиони евра

     

    Обезбeдени се средства за изградба на интерконективниот гасовод меѓу  Северна Македонија и Грција.

    Mинистерот за финансии Фатмир Бесими го потпиша Договорот за гаранција со потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова. Паралелно, е потпишан и финансиски договор меѓу Национални енергетски ресурси (НЕР) и ЕИБ. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 57,8 милиони евра, при што со потпишување на конкретниот договор за заем се обезбедуваат 28,9 милиони евра.

    Како што  објасни Бесими, се обезбедуваат дополнителни 12,4 милиони евра како инвестициски грант, што ќе го управува ЕИБ, за што, исто така, беше потпишан договор со НЕР. Преостанатите 16,5 милиони евра ќе се обезбедат од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за што Владата во наредниот период ќе поднесе посебен предлог-закон за гаранција.

    „Изградбата на гасоводот е еден од најприоритетните проекти за двете држави, за регионот, како и за енергетската заедница и е поддржан од сите релевантни европски институции. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди стабилност во снабдувањето со енергија, пред сè во индустријата, што ќе доведе до економски развој на сите региони во земјава“, нагласи Бесими. 

    Тој оцени дека проектот е од стратешко значење за нашата земја, а неговата имплементација, како што вели, ќе придонесе кон обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и подобар квалитет на живот на граѓаните.

    Потпретседателката на ЕИБ оцени дека станува збор за проект кој е стожер на  Стратегијата за енергетика на Северна Македонија.

    „Проектот е поврзан и со заложбата за зајакнување на енергетската сигурност на Западен Балкан, преку намалување на зависноста од само еден извор на снабдување со гас. Како приоритетен проект за Европската Унија и за иницијативата за гасно поврзување на Централна и Југоисточна Европа (CESEC), ќе му помогне на регионот постепено да го елиминира јагленот  и притоа да ја зголеми поврзаноста и да создаде услови за заеднички регионален пазар, како и за привлекување нови инвестиции“, истакна Павлова.

    Проектот ќе го реализира Акционерското друштво за вршење енергетски дејности Национални енергетски ресурси – Скопје, а неговата реализација е предвидена и со буџетот за 2022 година, како капитална инвестиција.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ