четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Еден од најголемите сончеви паркови во Европа е првата француска стратешка инвестиција во С. Македонија

    Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати (MW), известија од прес службата на Владата. Според нив станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија.

    – Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на следната 2022 година на локацијата која беше предвидена за карго аеродромот во Штип. Поради движењата на ветровите оваа локација не е погодна за изградба на аеродром, но согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето како и оддалеченоста од преносната мрежа, оваа местоположба има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана, велат од Влада.

    За успешна реализација на инвестицијата, Владата донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје.

    Овој стратешки проект ќе го реализира водечката француска компанија за производство на електрична енергија исклучиво од обновливи извори „Акуо Енерџи“ (Akuo Energy) од Франција.

    Проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра, за која во фаза на подготовка е посебен закон за реализација на оваа инвестиција, кој се очекува да се донесе во првиот квартал на наредната година.

    Согласно планот, првите количини на електрична енергија ќе протечат во текот на 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производство на електрична енергија е проценето на околу 650 (GWh) гигават часови на годишно ниво, што преставува 16 проценти од годишното производство на електрична енергија од АД „ЕСМ“. Оваа фотонапонска централа ќе ги задоволува потребите на околу 116 илјади домаќинства.

    – Акуо Енерџи“  основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет. Во моментов, во фаза на проектирање, развој и изградба имаат над 2400 MW во САД, Уругвај, Индонезија, Полска, Португалија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Австралија и во неколку земји во Африка. Во моментот развиваат проекти од над 5 GW од кои 1 GW во соседна Грција, соопштија од Влада.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ