вторник, април 23, 2024
spot_img
Повеќе

    ЕСМ набави само 90 илјади тони јаглен од Албанија, за останатите количини ќе има нов повик

    „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) објавиja дека е прифатена понуда од 90 илјади тони јаглен од Албанија за потребите за РЕК Битола, додека за останатите 810.000 тони ќе има повторно нов, односно трет повик за прибирање понуди.

    -Од деветте фирми кои дадоа 14 понуди од различни рудници во земјава и од регионот, дел од понудите не одговараа технички во однос на јагленот, додека дел имаа недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаа доставено комплетна документација. Од тие причини, повторно ќе биде објавен отворен повик во времетраење на целата грејна сезона и очекуваме да се обезбедат дополните 810 илјади тони јаглен за РЕК Битола и 170 илјади тони за РЕК Осломеј, велат од ЕСМ.

    Отворениот повик, додаваат, ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата, како што е случајот со понудата на јаглен од Косово која ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот.

    -Економскиот оператор не успеа во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК – државните електрани на Косово како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани. Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количини, прецизираат од ЕСМ.

    Нагласуваат дека ќе го засилат и ископот на сопствен јаглен и со тоа, како што велат, ќе го осигураме производството на електрична енергија во текот на зимската сезона.

    -Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК Битола изнесува 200 илјади тони, додаваат од ЕСМ.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ