четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Бектеши: Не се предвидени рестрикции на струја

    Моментно немаме проблем со снабдување со електрична енергија, туку кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја, вели министерот за економија

     

    Не се предвидени рестрикции на струја, и покрај најавеното прогласување на кризна енергетска состојба, вели министерот за економија Крешник Бектеши.

    „Прогласувањето на енергетска кризна состојба не значи дека ќе има рестрикции на струја, такви мерки не се предвидени. Согласно сите податоци кои ги имаме во моментов немаме проблем со снабдување со електрична енергија, туку кризата е поради големите ценовни шокови на берзите на струја. Затоа ќе побараме од Владата на следната седница да биде прогласена енергетска кризна состојба“, рече Бектеши во вечерашното гостување на Сител.

    За утре е свикана Комисијата за енергетика, а во вторник, на редовната владина седница, ќе биде разгледана можноста за прогласување кризна состојба во енергетскиот сектор.

    Според Бектеши, кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да може да се вбризгаат средства од буџетот за ЕСМ и МЕПСО, за да се зголеми нивната ликвидност.

    Министерот за економија нагласи се работи на ставање во функција на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија за да нема ценовни шокови.

    „Производната цена на електричната енергија од домашно производство изнесува од 56 до 70 евра за мегават час, додека цената на струјата на берзите е 200 евра. Со мерките кои ги носиме се грижиме за граѓаните, за домаќинствата и за малите потрошувачи да нема зголемување на цената на струјата“ рече Бектеши.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ