вторник, април 16, 2024
spot_img
Повеќе

    Можни се рестрикции, но не треба да се исклучуваат компании кои добиваат струја од странство, вели Черепналкоски од ЕДС

    Златко Черепналкоски од Енерџи деливери солушнс, во разговор за „Фактор“, оценува дека цената на електричната енергија достигна „холивудско“ ниво на речиси сите европски берзи

     

    Цената на електричната енергија на скоро сите европски берзи за електрична енергија постигна „холивудско“ ниво, вели во разговор за Фактор Златко Черепналкоски, од Енерџи деливери солушнс (ЕДС), компанија која претходно ја поседуваше екс вицепремиерот Кочо Анѓушев, а сега е во сопственост на грчки ППЦ.

    Тој вели дека разбира оти се можни рестрикции, но дека не треба да се исклучуваат компании кои добиваат струја од странство. Како што објаснува, доколку операторот на електро-енергетскиот систем предложи заведување рестрикции во потрошувачката на електрична енергија поради генерален недостиг на енергија, најголемиот проблем ќе биде како да се третира потрошувачката која е излезена на слободниот пазар, бидејќи компаниите кои се снабдуваат на слободниот пазар не користат енергија од домашни ресурси.

    „Потребните количини енергија за нив се набавени од нивните снабдувачи на слободниот пазар, генерално од извори и берзи во странство. Според тоа, ако во Македонија се случи криза заради недостиг на енергија од домашни извори, тогаш не би смееле мрежните оператори да исклучуваат од напојување компании за кои соодветните снабдувачи енергијата ја обезбедиле од странство. Јас апсолутно ја разбирам потребата од оперативно обезбедување стабилност во електроенергетскиот систем и потребата од рестрикција на потрошувачката во услови кога производството и увозот се намалени, но принципиелно рестрикциите треба да се заведат единствено кај потрошувачите кои се снабдуваат од домашно производство – бидејќи тоа е намаленото производство и причината за рестрикција“, нагласува Черепналкоски од ЕДС.

    Во врска со пазарното учество на ЕДС во последните шест месеци, Черепналкоски вели дека компанијата има одлична евиденција колку енергија продава на часовно, дневно, месечно и годишно ниво. Но немаме, вели, информација колкава е останатата потрошувачка во државата, па според тоа нашето учество можеме да го видиме еднаш годишно откако Регулаторната комисија за енергетика ќе го објави годишниот извештај.

    „Во овој момент, само МЕМО ги знае тие статистички податоци, но нема обврска да ги објави. Според нашите проценки, имајќи предвид дека минатогодишното учество во вкупниот пазар на ЕДС беше поголемо од 30 отсто и имајќи го предвид забрзаниот пораст на нашето портфолио во втората половина од оваа година, откако многу наши конкуренти им ги откажуваат договорите на потрошувачите, можно е во моментов да имаме учество поголемо од 40 отсто од отворениот дел од пазарот“, вели Черепналкоски.

    На прашање колку е сериозна ситуацијата на домашниот пазар, а какви се околностите на берзите надвор во однос на понудата, побарувачката и цените на електричната енергија, тој вели дека  цената на електричната енергија на скоро сите европски берзи за електрична енергија постигна „холивудско“ ниво. Најголемата причина за овој неочекуван пораст на енергијата, како што вели, се несогласувањето меѓу Европските регулатори за инфраструктурни проекти од една страна и рускиот Газпром од друга страна во однос на начинот на кој треба да се користи новиот гасовод Нордстрим 2. Заради тоа несогласување, гасоводот се уште не е пуштен во комерцијална експлоатација, а од друга страна Газпром го прекина снабдувањето на Европа со природен гас преку „Украинскиот гасовод“ .

    „Со оглед на фактот што капацитетот на Украинскиот гасовод е еднаков на збирот од другите три гасоводи (Нордстрим 1, Нордстрим 2 и Јужен поток), од кои Нордстрим 2 се уште не е во употреба, а Јужен поток се користи само со една половина од капацитетот, ваквата состојба доведе до скоро целосно исцрпување на резервите на природен гас во скоро сите Европски држави а дотурот на природен гас до Европа од причините споменати претходно е намален. Таа е причината број еден за поскапување на цената на многу енергетски производи кои директно или индиректно зависат од природниот гас како и на енергенсите за кои побарувачката е сега зголемена како замена на природниот гас“, вели Черепналкоски.

    Втора причина за поскапувањето, со значително влијание, како што наведува,е порастот на цената за CO2 сертификатите кои се тргуваат на европските берзи како т.н. „еколошки производи“. CO2 сертификатите се финансиски инструменти кои се тргуваат на европските берзи, каде што како купувачи се јавуваат индустриите кои емитуваат стакленички гасови повеќе од дозволеното (највпечатливи се јаглените термоцентрали), а како продавачи се јавуваат производители на обновлива енергија, производители на енергија со конвенционална технологија, но со висок степен на ефикасност, како и концесионери на големи површини наменети за форестација и рефорестација.

    „ЕУ, водена од желбата да ги затвори сите електрични централи кои користат фосилни горива (јаглен, лигнит, мазут…) во наредните 20 години, секоја година заведува се’ построги критериуми за дозволените емисии на термоцентралите на јаглен и лигнит, па така истите се приморани да купуваат се поголеми количини CO2 сертификати и на тој начин побарувачката за CO2 сертификати расте побрзо од што може да порасне понудата. Цената на CO2 сертификатите од почетокот на оваа година е зголемена три пати (од 20 на 60 евра за СО2 тон). За поскапувањето на CO2 сертификатите се одговорни и многу шпекулативно настроени инвестициски фондови, кои знаејќи дека цената ќе доживее пораст заради еколошката политика на ЕУ, тргуваат големи количини CO2 инструменти во краток временски период, техника позната под поимот “shorting”, и дополнително допринесуваат за спирален раст на цената“, наведува претставникот на ЕДС.

    Други причини, додава, кои периодично се повторуваат, како климатски и метеоролошки движења, се недостатокот на вода (намалена хидрологија) и намалени часови со доволно силен ветер за ветерните централи да произведуваат енергија. Овие причини не влијаат премногу врз цената но се сепак причини кои во овие тешки моменти „долеваат масло на огинот“.

    „Во нашата држава, акумулациите Маврово, Тиквеш и Козјак се сведени на речни токови, а не на езера, дури и Охридското езеро е доста повлечено заради зголемен испуст преку Црн Дрим, за да се обезбеди доволно вода за зголемено производство во хидроцентралите Глобочица и Шпилје. Недостатоците на енергија за регулираниот пазар ќе мора да се увезат, а пазарните цените по кои се врши увозот се многу повисоки од цените по кои АД ЕСМ му испорачува енергија на универзалниот снабдувач за тарифни корисници ЕВН Хоме. Гледаме дека ЕСМ има намера да увезе гориво за РЕК Битола и РЕК Осломеј за да ги намали издатоците за увоз на електрична енергија, но со оглед на ниската ефикасност на централите искрено не сум сигурен дека крајниот ефект ќе биде позитивен. Згора првиот тендер е и неуспешен“, вели Черепналкоски.

    Претставникот на ЕДС вели дека на чело на ЕДС АД,  сега е Јанис Јанопулос, кој го замени Георгиос Лантзас кој го исполни условот за пензија.

    „Во оваа прилика сакаме да му изразиме јавна благодарност на Господинот Лантзас за времето во кое тој ја водеше ЕДС АД и кој во проектот за аквизиција на ЕДС ДОО од страна на PPC SA беше инволвиран од самиот старт. Нашиот нов главен извршен директор Г-дин Јанис Јанопулос е искусен менаџер кој ќе продолжи да ја води ЕДС АД во нови успеси и кој перфектно го зборува Македонскиот јазик и има повеќе децениско искуство на Македонската бизнис сцена“ рече Черепналкоски.

     

     

     

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ