петок, март 29, 2024
spot_img
Повеќе

    Струјата нема да поскапи за 50 отсто од 1 јануари, уверуваат Бислимовски и Бектеши

    Моменталната производна цена на електричната енергија на АД ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така, вели министерот за економија

     

    Да се воздржиме од шпекулации без никакви анализи. Нема потреба сега да се крева паника, се што и стои на располагање ќе биде преземено, вели претседателот на РКЕ

     

    Министерот за економија Крешник Бектеши не очекува големо зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата од почетокот на идната година. Тој вели дека ќе се преземат сите можни мерки за да остане сегашната производна цена на АД ЕСМ ,кое ги задоволува потребите на регулираниот пазар.

    За домаќинствата, како што рече, во Законот за енергетика е предвидена постепена либерализација. Тој потенцира дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и сите енергетски институции и компании кои се во сопственост на државата ќе направат дополнителни калкулации за да се види колкава ќе биде цената на струјата по 1 јануари идната година. Ситуацијата, вели Бектеши, будно се следи и, во делот на домаќинствата, не очекуваме да има големи ценовни шокови.

    „Моменталната производна цена на електричната енергија на АД ЕСМ е 36 евра за мегават и ќе направиме напори тоа да остане така. Раководството на ЕСМ веќе презема соодветни мерки за да се зголеми производството во РЕК ‘Битола’ и во ТЕЦ ‘Осломеј’ и убеден сум дека до крајот на годината речиси ќе се дуплираат капацитетите на ЕСМ во делот на производството од страна на термоелектраните“, рече Бектеши на завршниот настан на Проектот на УСАИД за развој на регионални пазари на енергија и дискусија ,на тема „Идните предизвици во развојот на енергетскиот сектор во Северна Македонија“.

    Во делот на увозот на јаглен за потребите на двете термоцентрали, тој посочи дека треба да се почитуваат сите процедури.

    „ЕСМ има внатрешни и законски процедури кои треба да ги спроведе за набавка на јаглен од странство. Убеден сум дека тендерот ќе биде успешен зашто веќе имаме искуство со ТЕЦ Осломеј за каде се набавува јаглен од Косово“, истакна Бектеши.

    На прашањето дали треба да се вклучи ТЕЦ „Неготино’ за да се избегнат евентуални ценовни шокови, претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека во моментов се прават сите анализи, бидејќи производната цена на ТЕЦ „Неготино“ за струја е врзана со цената на мазутот.

    „За жал сега имаме повторно тренд на пораст на цената на нафтата на светските берзи што е процес на кој ние не можеме да влијаеме. Доколку постои економска исплатливост и доколку и понатаму продолжат да растат цените на електричната енергија апсолутно ќе се примени и сценариото за вклучување на термоелектраната доколку цената за производство на ТЕЦ ‘Неготино’ е пониска од таа што е на пазарот“, рече Бислимоски.

    Тој апелира  да престанат шпекулациите дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 50 проценти по 1 јануари.

    „Би замолил да се воздржиме од шпекулации без никакви анализи. Нема потреба сега да се крева паника, се што и стои на располагање на РКЕ, на ЕСМ, на МЕПСО и на Владата ќе биде преземено“, посочи Бислимоски

    Тој додаде дека кај нас се веќе преземени голем дел од мерките што вчера ги препорача Европската комисија за земјите членки за заштита од ценовните удари со електричната енергија.

    Состојбата, потенцира, е сериозна имаме проблем со хидрологијата, во одреден дел и со термоелектраните, но се се решава и на никој не му е ни на крај на памет да не преземе мерки кои стојат на располагање.

    „Најодговорно тврдам дека цената на електричната енергија нема да се зголеми за 50 проценти, а никој во моментов не знае колку ќе се зголеми. Оперативните трошоци, амортизација и поврат на капитал се работи кои веќе се определени на Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија и на МЕПСО за пренос. Тоа не може да се смени. Може да има притисок врз трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите. МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат тендери и ќе видиме кои цени ќе се понудат. Ако цените се превисоки на располагање ни е концептот преку ЕСМ за набавка на јаглен или доколку има потреба да се вклучи ТЕЦ ‘Неготино’“, вели Бислимоски.

    Европската комисијав презентираше неколку алатки со кои земјите членки можат да го ублажат ценовниот енергетски шок за најранливите категории на граѓани: ваучери за најсиромашните домаќинства, да се дозволи доцнење во исплатата на фактурите, привремени намалувања на цените, или, пак, државна помош за компаниите, но во согласност со правилата на ЕУ за државна помош.

    На долг рок, ЕК сака да се воведат структурни мерки, за да не се повторуваат енергетски ценовни шокови како овој, преку зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во енергетскиот микс.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ