сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Вучиќ за енергетската криза: Нема зима за Србија

    Според српскиот претседател, Србија има најниска цена на електричната енергија за населението во Европа

     

    Српскиот претседател, Александар Вучиќ, оцени викендов дека светот очекува голема енергетска криза во наредниот период, норече дека граѓаните на Србија не мора да се грижат, дека ќе имаат топли домови, доволно струја и гас и дека цените нема да растат.

    Според Вучиќ, се покажало добро што Србија не се откажала од рудникот за јаглен и оцени дека прашањето за електричната енергија е сериозна тема.

    „Мораме да подигнуваме обновливи извори на енергија, ама се покажа и дека донесовме паметна одлука да не ги затвориме нашите рудници“, рече Вучиќ.

    Речиси седумдесет проценти од електричната енергија произведена во Србија доаѓа од јагленот, односно од термоелектраните на јаглен.

    Минатата година, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на самитот во Софија ја потпиша Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан, која предвидува земјите кандидатки за членство во Европската Унија, како и членките на заедницата да ја намалат употребата на фосилни горива и емисиите на штетни гасови.

    Светот се соочува со сериозен недостиг на енергија, поради што во многу земји е забележано рекордно зголемување на цената на гасот.

    Вучиќ изјави дека Србија има најниска цена на електричната енергија за населението во Европа.

    „Гледаме да им помогнеме на бизнисмените, разговараме со Стопанската комора на Србија Како да им испорачаме поевтина струја“, рече Вучиќ.

    Тој додаде дека Србија разговара и со САД, Емиратите и со другите земји за тоа како да се зголемат капацитетите за производство на електрична енергија, додавајќи „нема да ги уништиме термоелектраните Колубара и Костолац“.

    „И сега некои во Европа нарачуваат јаглен од Колумбија, а велеа „немојте јаглен“, додаде тој.

    За домаќинствата, Вучиќ рече дека граѓаните не треба да се грижат ниту за гас, ниту за струја.

    „Немаме намера да ја зголемуваме цената на гасот или електричната енергија“, рече тој.

    Вучиќ додаде дека властите во Србија се грижеле за завршување на  гасоводот преку Србија, и покрај, како што рече, надворешните притисоци, алудирајќи на гасоводот „Турски тек“, кој е заеднички проект на Русија и Турција, а треба да испорачува гас од Русија преку Црно Море до Турција, а потоа до Бугарија, Србија и Унгарија.

    Вучиќ рече дека гасот е пуштен и дека во моментов се испорачува и транзитно до Унгарија. Претседателот на Србија исто така рече дека во овој момент државата има околу 250 милиони кубни метри гас во складиштето „Банатски Двор“. Тој додаде дека секој ден се складираат нови резерви.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ