четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    ОН ја повикаа Австралија да се откаже од јагленот

    Во спротивно, климатските промени драстично ќе ја оштетат економијата на земјата, предупреди специјалниот советник на светската организација за климатските промени

     

    Специјалниот советник на ОН за климатските промени, Селвин Харт, ја повика австралиската влада да ги засили напорите за постепено укинување на јагленот, предупредувајќи дека во спротивно климатските промени драстично ќе ја оштетат економијата на земјата.

    Потпирањето на Австралија на енергија од јаглен ја прави една од најголемите емитувачи на јаглерод во светот по глава на жител, но нејзината конзервативна влада постојано ја поддржува индустријата за фосилни горива, оценувајќи дека построгите чекори во однос на емисиите ќе значат губење работни места.

    „Ние целосно ја разбираме улогата што јагленот и другите фосилни горива ја одиграа во економијата на Австралија, иако рударската индустрија учествува со мал дел – околу два проценти од вкупните работни места. Но, од суштинско значење е да имаме поширок, поискрен и рационален разговор за тоа што е во интерес на Австралија“, рече Харт во говор пред австралискиот Национален универзитет во Канбера.

    ОН повикаа на постепено укинување на јагленот до 2030 година во земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), вклучително и Австралија.

    Во јули, министрите за енергетика и животна средина на Г20 не постигнаа договор за постепено исфрлање на јагленот до 2025 година. Но, некои експерти велат дека постои шанса за напредок за време на климатските разговори на ОН во Глазгов во ноември.

    Австралискиот премиер, Скот Морисон, рече дека Австралија е на пат кон нето нулта емисија на јаглерод, но не се обврзала да поднесе плани распоред. Тој рече дека Австралија ќе ги ажурира своите прогнози за емисија на штетни гасови во 2030 година пред преговорите во Глазгов.

    Повеќето други развиени земји потпишаа цел за нулта емисија на штетни гасови до 2050 година.

    Харт рече дека австралиската Влада мора „да го искористи моментот“ и да премине на обновливи извори.

    ЈАПОНСКАТА КОМПАНИЈА ТОШИБА ПРЕСТАНУВА ДА ПРИМА НАРАЧКИ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВИ ТЕРМОЦЕНТРАЛИ НА ЈАГЛЕН

    ГРЦИЈА ЌЕ ПОТРОШИ 5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЈАГЛЕНОТ ДО 2028 ГОДИНА

    БУГАРИЈА БАРА ПОМОШ ОД ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЈАГЛЕНОТ

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ