четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    ОПЕК очекува зголемена побарувачка на нафта, и покрај ширењето на делта-сојот

    Се очекува побарувачката да порасне за 5,95 милиони барели дневно оваа година, или 6,6 проценти во споредба со пандемиската 2020 година

     

    Силно закрепнување на побарувачката на нафта оваа година, и покрај ширењето на  делта сојот на коронавирусот очекува Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), од каде што признаваат дека темпото на заздравување по пандемијата ќе биде диктирано од ковид-19.

    Се очекува побарувачката да порасне за 5,95 милиони барели дневно оваа година, или 6,6 проценти во споредба со пандемиската 2020 година, проценува нафтениот картел во месечниот извештај, потврдувајќи ја јулската прогноза.

    Во 2022 година, потрошувачката на горива ќе порасне за 3,28 милиони барели дневно, проценува ОПЕК, исто така потврдувајќи ги прогнозите од минатиот месец.

    „Светската економија се уште закрепнува“, нагласуваат од ОПЕК, истакнувајќи дека, сепак,  има голем број предизвици што многу лесно би можеле да го задушат тој импулс.

    „Треба да се посвети посебно внимание на настаните поврзани со ковид -19“, нагласуваат тие.

    Нивната прогноза е во спротивност со онаа на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која денеска ја намали прогнозата за побарувачка за втората половина од годината поради ширењето на делта сојот, пресметувајќи дека ќе биде пониска за половина милион барели дневно од проценките во јули.

    Според проценките на ОПЕК,  светската економија годинава ќе порасне за 5,6 проценти, за 0,1 процентен поен посилно од претходно очекуваното, под претпоставка дека владите ќе успеат да ги сопрат ефектите од пандемијата и со високо ниво на неизвесност.

    Прогнозата за раст за 2022 година исто така е зголемена за 0,1 процентен поен, на 4,2 проценти.

    Текот на пандемијата, како што се наведува, ќе биде главен фактор што ќе влијае врз темпото на закрепнување на краток рок, а посебен ризик е можната појава на нови варијанти на ковид -19.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ