сабота, декември 4, 2021
spot_img
Повеќе

    Затрупана Маркова Река: Градителите на хидроцентралите не се дел од Комората

    По објавите во медиумите и реакцијата на здружението Еко-свест во врска со затрупувањето на Маркова Река како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река, Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора на Северна Македонија ја известува јавноста дека споменатите три хидроелектрани воопшто не се дел од Групацијата, се вели во реакцијата.

    „Групацијата за обновливи извори на енергија најстрого ја осудува секоја злоупотреба на животната средина и нарушувањето на биодиверзитетот во и околу реките и како Групација се залагаме за одржливо искористување на ресурсите, за реализација на проекти за заштита на животната средина и за свет без емисија на C02 и метан.

    Малите хидроелектрани ги користат природните водни ресурси, произведуваат чиста енергија без аерозагадување и имаат минимално влијание на природната околина само при градбата, а ние како Групација при Комората ги почитуваме одговорните градежни практики и работиме целосно согласно Законот и домашните регулативи, но го следиме и строгото европско и светско законодавство за заштита на животната средина со цел да се обезбеди нивна одржливост.

    Како Групација, неприкосновено се залагаме за доследно почитување на законите и регулативите како и за нивно унапредување, но и понатаму продолжуваме да бидеме партнер на државата.

    Оттука, бараме надлежните институции да го истражат случајот во целост, со цел јавноста да не се доведува во заблуда и да ги препознае напорите на ГОИЕ за унапредување на животната средина, како и за вложување во проекти за општествена одговорност, за доброто на државата и за иднината на нашите деца, за свет без емисија на C02 и на метан.

    Остануваме отворени за поддршка и секаков дијалог со институциите за имплементација и креирање на политиките во областа на енергетиката и заштита на речните корита, како и за соработка со невладиниот сектор за пресретнување на потенцијалните проблеми и заедничко поттикнување активности и проекти за заштита и унапредување на животната средина“, се вели уште во реакцијата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ

    Струја