петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Поевтинува парното греење во Скопје

    РКЕ донесе одлуки со кои крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на главниот град во просек се намалува за четири отсто

     

    Граѓаните кои се приклучени на парно греење во Скопје ќе добиваат пониски сметки,

    Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на град Скопје во просек се намалува за четири отсто.

    Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека речиси 56 илјади потрошувачи приклучени на „Балкан Енерџи Груп“ (БЕГ) или 93 отсто од вкупниот број корисиници ќе добиваат сметки пониски за 4,35 отсто. Исто така, нешто над 3 800 домаќинства кои се приклучени на „ЕСМ Енергетика“ ќе плаќаат пониски сметки за 0,57 проценти, додека 501 потрошувач приклучени на „Скопје Север“ од 1 август ќе имаат поевтино греење за 1,25 отсто.

    „Денешните одлуки се показател дека начинот на кој ја пресметуваме цената на топлинската енергија ги штитат потрошувачите. Со одлуките праќаме сигнал што повеќе граѓани да се приклучат на мрежата за парно греење, кое е најекономично и еколошко“, рече Бислимоски.

    Според него, имаме историски најниска цена на испорачана топлинска енергија.

    Во однос на работата на компаниите, тој нагласи дека сака да укаже оти со оглед на фактот дека БЕГ го има доминантниот дел од корисниците, односно 93 отсто, останатите снабдувачи „Скопје Север“ и „ЕСМ Енергетика“ би требало да ги разгледаат можностите за системско надминување на предизвиците преку соработка, со цел да може да го зголемат бројот на потрошувачи и да се оптимизира производството на топлинска енергија.

    На централните системи за греење на трите компании за топлинска енергија во Скопје се приклучени околу 60.000 корисници, што за една година претставува раст од речиси 2.000 нови потрошувачи.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ