четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Одгласи по договорот Берлин-Вашингтон за „Северен поток 2“

    Киев апелира до САД да ги продолжи санкциите, и покрај  постигнатиот договорот кој е насочен кон обезбедување гаранции за Украина за зачувување на транзитот на гас по стартот на гасоводот

     

    Претседателот на Врховната рада на Украина Дмитриј Размуков побара од Конгресот на САД да ги продолжи санкциите против „Северен поток 2“, со што не се дозволува завршување на изградбата на гасоводот.

    Барањето дојде откако Берлин и Вашингтон постигнаа договор насочен кон обезбедување гаранции на Украина за зачувување на транзитот на гас по стартот на „Северен поток 2“.

    „Го повикувам Конгресот на САД да се воздржи од одобрување на какви било договори што би ја загрозиле енергетската безбедност на Европа и би претставувале закана за националните интереси на Украина и САД. Апелирам до Конгресот на САД да продолжи со политиката на санкции што ќе спречат завршување на изградбата и пуштање во употреба на гасоводот ’Северен поток 2’. Доколку е потребно, може да се разгледа можноста за воведување дополнителни засилени санкции против правни и физички лица вклучени во неговата изградба“, се вели во писмото на Размуков до претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. 

    САД СЕ ОТКАЖУВААТ ОД САНКЦИИ ЗА КОМПАНИЈАТА КОЈА Е ЗАДОЛЖЕНА ЗА „СЕВЕРЕН ПОТОК 2“?

     

    Според постигнатиот договор, Германија е посветена на преземање активности на национално ниво, како и настојување да се користат ефективни мерки на европско ниво, вклучително и санкции, за ограничување на извозот на Русија во енергетскиот сектор, доколку Москва се обиде да ги користи енергетските ресурси како оружје или за понатамошни агресивни активности против Украина.

    Според Размуков, Русија, сепак, го користи „Северен поток 2“ како „алатка за хибридна војна“.

    „Овој проект претставува директна закана за енергетската безбедност не само на Украина, туку и на цела Европа. ’Северен поток 2“ е првенствено геополитички проект насочен кон создавање енергетска зависност на европските земји од рускиот монопол на гас. Тој значително ги стеснува можностите за диверзификација на снабдувањето со енергија за европските потрошувачи, рече претседателот на украинскиот парламент.

    Претседателот на САД, Џо Бајден вчера истакна дека проектот т „Северен поток 2“ е 99 отсто готов и повеќе не е можно да се прекине неговата имплементација.

    „СЕВЕРЕН ПОТОК 2“ ТРЕБА ДА ФИНИШИРА ДО КРАЈОТ НА АВГУСТ

     

    Американската администрација не воведе нови санкции за гасоводот, бидејќи тој е практично комплетен и мерките би биле неефикасни.

    Русија повеќе пати нагласи дека „Северен поток 2“ е деловен проект што се спроведува заеднички со европските партнери.

    Според договорот со кој Берлин и Вашингтон ставија крај на несогласувањата околу ова  прашање, Германија се согласила да инвестира во инфраструктурата за украинската зелена технологија, а САД – да ги прекинат своите напори за блокирање на гасоводот, како што објави синоќа „Вашингтон пост“,

    Претходно, според руски и германски медиуми, германската канцеларка Ангела Меркел разговарала  телефонски со рускиот претседател Владимир Путинза можно продолжување на договор от меѓу Русија и Украина за транзит на гас

    Договорот, како што јави Ројтерс, би требало да ја ублажи опасноста што критичарите ја гледаат во 11 милијарди долари вредниот гасовод, кој е 98 отсто завршен, а изграден е под Балтичкото Море за пренесување на рускиот гас од арктичкиот регион до Германија.

    Американските власти се против гасоводот кој ќе ѝ овозможи на Русија да го извезува гасот директно во Германија и потенцијално од тоа да ги исклучи другите земји, но владата на Џо Бајден реши да не го блокира целиот проект со американски санкции.

    Наместо тоа, се договори со Германија со цел да се одврати Русија од тоа да го користи гасоводот за да им наштети на Украина или други земји во регионот.

    „САД и Германија заеднички се решени да ја сметаат Русија за одговорна за агресија и злонамерни активности возвраќајќи со воспоставување санкции или други средства“, се наведува во заедничката изјава на двете земји.

    Според договорот, Германија и САД поддржуваат десетгодишно продолжување на договорот за транзит на гас меѓу Русија и Украина, кој е извор на значителни приходи за Киев, а истекува во 2024 година.

    Германија треба да инвестира најмалку 175 милиони долари во новиот „Зелен фонд за Украина“ вреден милијарда долари, наменет за јакнење на нејзината енергетска независност.

    Европската Унија денеска повтори дека гасоводот „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија не е од заеднички интерес за ЕУ, но дека ќе го разгледа договорот меѓу САД и Германија.

    „Ќе разговараме за ова со земјите-членки на ЕУ и нашите соседи, вклучувајќи ја и Украина“, рече портпаролот на Европската комисија, на редовниот брифинг со новинарите, откако Вашингтон и Берлин ветија дека ќе ја ублажат безбедносната закана што ја носи гасоводот, пренесува Ројтерс.

    Комисијата, исто така, ја поздрави посветеноста на Германија за спроведување на „духот и регулативите на енергетската безбедност на ЕУ“, со оглед на напорите на Унијата да постигне поголема енергетска независност од Русија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ