вторник, април 23, 2024
spot_img
Повеќе

    Во Аеродром ќе се реализира проект за фотоволтаични термални системи

    Поставувањето фотоволтаици е една од првите задачи на новото јавно претпријатие – за развојни проекти, покрај проектот за управување со органски отпад

     

    Општина Аеродром денеска го промовираше Јавното претпријатие за развојни проекти и првите два проекта за фотоволтаични термални системи и за управување со органски отпад. Целта за формирање на ова претпријатие е реализација на проекти во рамки на стратегијата „Аеродром – прва општина со европско знаменце“.

    Како што информира в.д. директорот на новото ЈП, Владимир Стевков, станува збор за прво јавно претпријатие од ваков тип во земјава .

    „Претпријатието веќе е во функција и денеска ги промовиравме првите два проекта. Исто така, работиме на нови европски проекти што набрзо ќе почнат со реализација, а истовремено ги повикуваме заинтересираните компании и граѓани да аплицираат со нови идеи“, изјави Стевков.

    Професорот Илија Насов, кој го претстави проектот „Хибридни фотоволтаични термални системи“, порача дека енергетската ефикасност е значајна цел за општината .

    „Со поставување на овие фотоволтаици инвестицијата се враќа за пет до пет и пол години, а потоа уште 20 години се добива бесплатна енергија. Најболното прашање е што во земјава не се искористени термалната енергија и сите други капацитети што ги поседува. Затоа треба да се подигне свеста, но и државата да вложува преку субвенции“, изјави Насов.

    Наталија Бургиева од „Мама органа“ информираше дека, според статистиката, повеќе од 60 отсто од вкупниот отпад во урбаните средини припаѓаат на т.н. биоотпад.

    „Слична е ситуацијата и во  Аеродром. Општината досега со овој тип на отпад се справувала на конзервативен начин, односно со одложување на градска депонија“, посочи Бургиева.

    Таа додаде дека преку проектот биоотпадот не само што нема да загадува и да создава трошоци, туку ќе креира и дополнителна вредност на високонутритивно ѓубриво (компост), кое може да се употребува во земјоделието и хортикултурата.

    Од општината велат дека проекторт директно ќе влијае на намалување на обемот на отпадот, на тошоците за транспорт и на количината на стакленички гасови во атмосферата.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ